Министерот за одбрана, Владо Мисајловски денеска информираше дека Македонија нема да испраќа војници на украинско тло. Тој исто така информираше дека ние како земја-членка на НАТО сме четврта земја по пружена помош во вид на различна опрема, а е доделена за Украина. Потсети дека Владата пред извесен период додели уште еден пакет помош.
Сепак истакна дека се смени наративот и геополитиката во светот. Мисајловски е дециден дека Македонија е држава која се залага за мир на украинскиот фронт и да се дојде до мирно решение.
-Нема да има македонски војници на украинско тло. Но, дали по завршувањето на војната и потребата за било каква помош – прво треба да го видиме како побарување. Различни земји имаат различно размислување. Никој досега не побарал од нас да има македонски војници, рече Мисајловски одговарајќи на новинарски прашања, запрашан дали е побарано од земјава да се испратат мировници кои ќе бидат испратени во евентуалната тампон-зона во Украина по извесно решение за прекин на огнот.
Успешен епилог по еднодневните разговори меѓу Вашингтон и Киев во Џеда. Украина го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот.
-Отворена е можноста за завршување на тригодишниот конфликт на траен и одржлив начин, топката е сега на теренот на Русија, истакна државниот секретар на САД.
По успешниот исход во Џеда, САД решија да го обноват споделувањето разузнавачки информации и безбедносната помош за Украина. Договорот за минерали не беше предмет на разговорите.