Пред 120 години на денешен ден бил убиен македонскиот револуционер Гоце Делчев од страна на турската војска.
Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Во 1896 година учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО, а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
Револуционерот бил убиен на 4 мај 1903 година, во селото Баница, на пат кон Сер.
Неговите посмртни останки се чувале во Баница, по што биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Помеѓу најзапаметени изреки на Делчев се онаа дека го разбира светот како „единствено поле за културен натпревар меѓу народите“ и дека се бори за „слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“.
Поради одбележувањето на 120-годишнината од смртта, МВР од вчера воведе посебен сообраќан режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самоилова“.
По тој повод македонски државни делегации ќе положат цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а предвидена е панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Според најавите, на вечното почивалиште на револуционерот денеска цвеќе ќе положи претседателот Стево Пендаровски и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.
Софија и Скопје нема заедно да ја чествуваат 120-годишнината од смртта на Гоце Делчев на 4 мај, изјави пред неколку дена в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.
На прес-конференција тој кажа дека не е постигнат договор со Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев, иако имало такви договори и практики во претходните години.