Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека до крајот на мај се очекува Предлог-законот за сајбер безбедност да ја помине владината процедура, а на почетокот на јуни да влезе во собраниска расправа. Според него, законот не е политички, туку има за цел да ја зголеми безбедноста на целото општество.
Андоновски посочи дека сајбер нападите сè почесто се насочени кон критичната инфраструктура, особено кон системите за производство и пренос на електрична енергија. Тој истакна дека македонскиот електропреносен систем во моментов е безбеден, но предупреди дека безбедноста не е трајна и дека ќе треба постојано да се унапредува. Министерството за дигитална трансформација активно соработува со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во дигитализацијата на институциите и изработка на Националната стратегија за сајбер безбедност.
Министерката Сања Божиновска потсети дека лани МЕПСО беше мета на сериозен сајбер напад кој траеше со месеци, и нагласи дека заштитата на енергетската инфраструктура е од национално значење. Таа додаде дека сè уште не е одлучено дали заштитата ќе ја вршат државни институции или приватни компании, но дека ќе се избере најдоброто решение за граѓаните. Со новиот закон, властите се надеваат дека ќе се постават јасни насоки за заштита на институциите и клучната енергетска мрежа во земјата.