Во Србија во криптовалути инвестирале 127.461 инвеститори, што ја прави прва во јадранскиот регион по бројот на инвеститори во криптовалути во однос на бројот на жители, објави порталот „Bloomberg Adria“, повикувајќи се на анализата на компанијата „TripleA“.
Според таа анализа, инвеститорите во криптовалути сочинуваат 1,9 отсто од населението во Србија, додека на второ место се жителите на Словенија, кои се 1,7 отсто од вкупното население.
Криптовалутите се во сопственост на 1,6 отсто од населението во Хрватска, 1,4 отсто во Босна и Херцеговина, а 1,3 отсто од населението во Северна Македонија инвестирало во виртуелни пари, покажуваат податоците на „TripleA“.
„Криптовалутите покажаа значителна нестабилност во 2022 година, одејќи рака под рака со негативниот став на глобалните инвеститори кон ризикот“, заклучи аналитичкиот тим на „Bloomberg Adria“.
„Bloomberg Galaxy Crypto Index“, како што наведоа, е намален за 54 проценти од почетокот на годината, но неодамна забележа пораст од 43 проценти во однос на крајот на првата половина на 2022 година.
„Се претпоставува дека постои среднорочен потенцијал за раст, со оглед на привлечното ниво на цени за влез во крипто-средствата“, наведуваат аналитичарите на „Bloomberg Adria“.