„Македонија постојано се врти во круг“: Што значи извештајот на Фридом хаус за владеењето на правото и борбата против корупцијата?

од Nikola Popovski
351 прегледи

Македонија e „цикличен хибрид“ во најновиот извештај на Фридом Хаус „Нации во транзит“. Во таа категорија се 11 држави, кои имаат карактеристики на автократија и демократија. Во земјава има најголем пад во регионот после Србија. Годината беше обележана со политичка поларизација и меѓупартиска борба во владејачката коалиција како и со опозицијата, наведува Фридом Хаус. Додаваат дека карактеристика на цикличните хибриди е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени. Надежите за резултати во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал, пишува „Фридом хаус“, се појавиле по симнувањето од власт на антидемократскиот премиер Никола Груевски и тие допрва треба да се остварат.

„Цикличен хибрид“ или заробена држава?

Според дел од експертите, терминот на „Фридом хаус“ значи „тапкање во место“. Почесната претседателка на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева, поимот „цикличен хибрид“ го разбира како нешто недефинирано што постојано се врти во круг.

Слаѓана Тасева

-Ова е мое толување на поимот доколку го видите во поодделно значење на неговите делови. Хибрид е нешто што е хетерогено (разнолико) по своето потекло и состав. А тоа нешто е циклично, постојано се врти во круг и никако да застане, посочува Тасева во разговор за „Локално“.

Оценува дека во таква состојба е Македонија, особено кога станува збор за борбата против корупцијата, за владеење на правото и за демократијата.

-Политичкиот плурализам кај нас сосема изостанува, затоа и нема промена во институциите ниту пак во состојвата на борба со корупцијата и криминалот. Лошиот рејтинг на судството со доверба од само 3% од граѓаните и амнестијата на крупниот криминал што се направи со измените на Кривичниот законик, сето тоа оди многу подалеку и подлабоко во амбисот на анархијата отколку што тоа беше случајот со бегството на Груевски, истакнува Тасева.

Порачува дека во државата веќе подолго време не може да се препознае лидер кој ја води и со жалење констатира дека „се што има се политичари кои се грижат само за своите интереси“.

-Ако националистичката партија на Груевски го обструираше парламентот, последниот состав на власта целосно ја опструираше борбата против корупцијата, а со тоа и владеењето на правото. Ако го имаме во предвид сето ова, мислам дека оваа оценка може да биде и полоша. Секако дека нема да ги коментирам уставните измени и прашањето со Бугарија, мислам дека и тоа можеше поинаку доколку правилно и на време се поставија националните прашања и интереси пред политичките и личните, заклучува соговорничката, додавајќи дека „посебно треба да не загрижува што сега во предизборието, корупцијата воопшто не е тема, а никој ниту го поставува прашањето за тоа како ќе се води борбата против ова зло“.

Гордан Калајџиев

Со сличен став е и универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев. Според него, во суштина сме заглавени во сопствената некомпетентност и сеење магла. Во разговор за „Локално“, тој објаснува дека „не сме мрднале ни напред ни назад“.

-Заробена држава ми изгледа посоодветен израз од „цикличен хибрид“, анализира Калајџиев, констатирајќи дека во „скорешна иднина нема да се мрднеме од сегашната позиција“.

-Политичките елити (партии) се главен фактор што ги кочи институциите да профункционираат, вака професорот го гледа виновникот за состојбите.

Во ланскиот извештај на „Фридом Хаус“ се посочуваше дека Македонија забележала демократски напредок изминатата година, но се нотира и силна политичка поларизација. Во извештајот се мери демократскиот напредок на државите во транзиција за период од една година.

Македонија тогаш доби оценка 3.86 за демократски прогрес. Во категоријата национално демократско владеење државата добила оценка 3.50, за изборен процес 4.50, за граѓанско општество 4.75, за независни медиуми 3.50, за локално демократско управување 4.25, за судска рамка и независност 3.25, додека за корупција била оценета со 3.25.

Во извештајот за 2023 годин беше наведено дека во земјава се нотира силна политичка поларизација и парламентарните блокади, го попречиле усвојувањето на законодавството на национално ниво, но оти прогресот на локалните власти во однос на транспарентноста, граѓанското учество и меѓуопштинската соработка, имал забележително позитивно влијание врз демократијата и исполнувањето на јавни услуги.

Н.П.

Слични содржини