Македонија прва на Балканот и втора во Европа по договорите на определено време

Само Холандија е пред Македонија во европски рамки по бројот на вработени со договори на определено време

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Eurostat

Европската агенција за статистика (Евростат) објави податоци поврзани со бројот на договори на определено време што ги нудат земјите од Европската Унија, како и од цела Европа. За ова истражување, земени се во предвид сите граѓани на возраст од 20 до 64 години, а вклучени се и сите привремени вработувања на лица кои имаат договори на определено време или други начини со ограничено времетраење на договорот.

Статистиката покажала дека во 2024 година, 13,3 проценти од договорите на определено време се евидентирани во Шпанија, 13,5 проценти во Португалија, а Холандија е предводник со 18,9 проценти од договорите на определено време.

Статистиката ги вклучува и земјите што не се членки на Европската Унија. На Балканот, во контекст на договорите на определено време, Македонија е предводник со 15,6 проценти од ваквите договори. Следува Србија со 15,2 проценти, а во Босна и Херцеговина, според статистичките податоци, регистрирани се 9,6 проценти од ваквите договори.

Од друга страна, европските земји со најмал број вакви договори се Латвија со 1,8 проценти, Романија со 1,5 проценти и Литванија на прво место со 1,4 проценти привремени договори.

Како што зборуваме за вработувањето како целина, стапката на вработеност во Европската Унија достигна 75,8% во 2024 година, а невработеноста падна на 5,9% – најниско ниво од 2015 година. Просечниот очекуван работен век во ЕУ беше 37,2 години, со просечна работна недела од 36 часа.