Денеска Македонија одбележува шест години откако стана дел од НАТО, исполнувајќи една од своите најважни стратешки цели. Како 30-та членка на Алијансата, земјата го зацврсти своето место во меѓународната безбедносна структура – патување што започна уште во 1993 година со усвојувањето на Резолуцијата во Собранието, со која беа дефинирани главните надворешно-политички приоритети: интеграција во НАТО и Европската Унија.
По долгогодишни напори, на Самитот во Букурешт во 2008 година, Македонија доби условена покана за членство, чија реализација зависеше од решавањето на спорот за името со Грција. Овој предизвик беше надминат со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, со што беше отворен патот за завршување на процесот на интеграција.
Клучниот чекор беше направен на 6 февруари 2019 година, кога беше потпишан Пристапниот протокол, а по неговата ратификација, на 27 март 2020 година, Македонија стана полноправна членка на НАТО. Овој датум останува значаен симбол на долготрајниот ангажман и посветеност на земјата кон колективната безбедност и стабилност.
Се поставува прашањето колку е значаен датумот 27-ми март и дали членството ги оправда очекувањата на народот? За дел од јавноста, датумот е еднакво важен за нашата држава, по важност веднаш по Денот на независноста. Според претседателот на СДА Македонија и аналитичар на состојбите, Џелал Хоџиќ, членството во НАТО секако дека ги оправда очекувањата, како што вели, нашата заедничка држава е на маса со демократскиот и цивилизиран свет, во најсилниот одбрамбен, демократски и економски сојуз.
„Јас би сакал да отворам еден нов агол на гледање на работите: Колку Северна Македонија е посветена на НАТО вредностите, па и на бенефитите кои од членството во НАТО ги ползуваме како држава и граѓани? Ова прашање се наметнува како логично, откако во светските медиуми се зборува за аферата, во која Петар Сијарто, унгарски министер за надворешни работи пренесувал информации од затворените состаноци од ЕУ во Брисел, на режимот на Путин во Москва. Логично е прашањето дали тој човек пренесувал информации и од НАТО состаноците?
Да ја потсетиме јавноста, тогашната опозиција која правеше буквално се Северна Македонија да не стане членка на НАТО, кога дојде на власт, направи стратешко партнетсво на нашата држава со авторитарната власт на Орбан, која работи како прокси на Путинова Русија во ЕУ и во НАТО. Тоа партнерство подразбираше и некакви кредити, за кои многу аналитичари збореа дека се работи за кинески пари“, вели Хоџиќ за „Локално“.

Џелал Хоџиќ/Фото: Приватна Архива
Ние, како членка на НАТО, а и аспирант за членство во ЕУ, додава соговорникот, добивме европски извештај во кој се нотира негативното влијание на „српскиот свет“, кој е управуван од еден друг важен партнер за нашата власт – Александар Вучиќ, за кој можете да прочитате експлицитно во Законот за Западен Балкан усвоен во американскиот конгрес, со какви недемократски методи се служи.
-Деновиве и за Вучиќ пишуваа медиуми од Германија, Австрија, Швајцарија, за купувањето на хиперсонични ракети од Кина, како офанизвно оружје кон соседните држави членки на НАТО. Ова се прашања кои се од државен, од национален интерес на Северна Македонија. Не е ова некаква теорија заговор, туку аргументи кои укажуваат на сериозна состојба која може да произведе сериозни последици по нашата држава, посочува Хоџиќ во разговорот.
Oколу дилемата дали повеќе изгубивме, со промена на името, отколку што добивме со членството, соговорникот вели: „Никој не рече дека промената на името на државата е лесна работа“. Сепак, истакнува дека „треба да бидеме коректни и да кажеме дека Северна Македонија во меѓународни институции е многу подостоинствено име од „Поранешна југословенска република Македонија“.
-Второ, и со Преспанскиот договор, како и со Договорот за добрососедство со Бугарија, не се дозволи да се отвараат идентитески прашања. Сегашната власт, тогашната опозиција, водена од мотивите да го спречи влегувањето на државата во ЕУ и во НАТО, од Преспанскиот договор правеше хистерија во која ги уверуваа граѓаните кои се етнички Македонци дека ќе го изгубат идентитеот и ќе станат „Северџани“. Логично е да се постави прашањето: Дали денеска Гордана Силјановска Давкова, Христијан Мицкоски, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, кога стојат како функционери на Северна Македонија во НАТО, се горди Македонци или се чувствуваат за „Северџани“?, прашува претседателот на СДА Македонија.
„Ќе поминат овие турбуленции, вистината од историска дистанца ќе стане уште појасна, макар и сега е многу јасна за оние кои пристапуваат рационално, а не со емоции, ќе остане запаметна автодеструктивната политика на ВМРО-ДПМНЕ и екипата околу Христијан Мицкоски“, констатира Хоџиќ.
Со оглед на „буре барут“ регионот и опасноста од воениот конфликт на Блискиот Исток, важно прашање е колку членството во НАТО е голема заштита во тој поглед. За соговорникот, заштитата е недвосмислена. Вели дека сме сведоци како „авторитарниот режим на Вучиќ, прво се надеваше на поголем успех на руската агресија врз Украина, но уште соработува со руски структури кои сакаата да го вратат прашањето на Западен Балкан за промена на граници преку своите проксија“.
-Како што е Додик во БиХ, како што е Вучиќ во Србија, како што е Орбан во НАТО и ЕУ. За жал во тоа друштво ја внесе Северна Македонија новата власт, стопирјаќи ја европската перспектива на државата. НАТО значи безбедност на границите на нашата држава, но НАТО неможе да ја сопре во голема мера самодеструктивната политика на македонската антиевропска и антизападна политика. Самоизолацијата на Северна Македонија ја загрозува државата од внатре, го стопира нејзиниот развој и создава лош амбиент кој може понатаму да донесе и безбедносни ризици. Се повеќе личи дека тоа е заедничка агенда на авторитарната политика на Орбан, која е ментор на политиките на Додик, Вучиќ и Мицкоски. Морам да кажам дека сум фрапиран како албанскиот фактор во власта, под менторство на Курти, одлучува секој ден да биде дел од сето ова, и со тоа што го прави, како и со тоа што не го прави, нагласува Хоџиќ.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Министерство за одбрана
Во ноември 2024 година, поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска беше избрана за заменик генерален секретар на НАТО. Овој избор беше оценет како доказ за регионалниот и глобален кредибилитет на Македонија како рамноправна членка.
При посетата на Скопје на 3 март годинава, генералниот секретар Марк Руте порача дека НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во услови на кризи во Украина и Блискиот Исток. Тој нагласи дека Македонија останува стабилен и верен сојузник на Западен Балкан.
Анализите покажуваат дека во некои земји во првите пет години по влезот во НАТО споредено со периодот од пет години пред влезот во НАТО, БДП –то просечно им се зголемило за 90 отсто, а странските директни инвестиции за дури 292 отсто. Меѓутоа, не може да се тврди дека овие позитивни промени се директна последица на влезот во НАТО, бидејќи истовремено земјите поминуваат и низ интегративните процеси во Европската Унија и други засилени процеси на структурни реформи. Сепак, постоењето корелација помеѓу овие позитивни промени и членството во НАТО се охрабрувачки за една потенцијална земја-членка како Македонија.
Н.П.