Македонија старее: Секојдневно губиме луѓе, а иднината не е ветувачка

од Марта Пешевска
20 прегледи

Македонија се соочува со сериозна демографска криза – населението забрзано старее, а земјата веќе се наоѓа во фаза на длабока демографска старост. Според експертите, сме влезени во период кога бројот на починати е поголем од бројот на новородени, што доведува до негативен природен прираст.

Секоја година, Македонија губи просечно над 8.000 жители поради оваа нерамнотежа, а прогнозите се дека овој тренд ќе продолжи и во иднина.

„Процесот на стареење не може целосно да се запре, но можеме да се прилагодиме на него со вистински политики и активности,“ велат демографите. Некои експерти сметаат дека воведувањето мерки за адаптација кон стареењето е пореално решение отколку обидите да се запре самиот процес.

Од друга страна, дел од аналитичарите веруваат дека клучот е интеграцијата во Европската Унија. Според нив, влезот во ЕУ би значел подобрување на животниот стандард, што може да го намали иселувањето и дури да поттикне враќање на дел од македонските иселеници назад во татковината.

Според податоците од Стратегијата за стари лица (2010–2020), до 2050 година се очекува секое петто лице во Македонија да биде на возраст над 60 години. А ако трендот продолжи, до 2150 година секој трет жител ќе биде повозрасен од 60 години. Предизвиците се големи, но уште поголема е потребата од јасна стратегија и политичка волја за справување со оваа демографска реалност.

Демографското стареење во Македонија се случува забрзано и е резултат на неколку клучни фактори: пад на наталитетот, подолг животен век и иселување на младото население. Како што објаснува професорката Аница Драговиќ од Институтот за социологија, најмногу се иселуваат младите од 20 до 40 години – токму тие што треба да формираат семејства и да ја продолжат популацијата.

Од 2008 до 2023 година, процентот на старо население (над 65 години) во земјава пораснал од 10,7% на 18,1%. Прогнозите велат дека бројките ќе растат и понатаму. Жените се доминантно застапени во оваа категорија, а работоспособната популација (15–64 години) полека се намалува.

Проф. Драговиќ предупредува дека стареењето влијае на сите општествени сектори – економијата, социјалата, здравството и образованието. Се намалува бројот на жени во репродуктивна возраст, што значи уште помал број на раѓања. Пензискиот и здравствениот систем се под притисок, а старите лица, особено во руралните средини, живеат во сиромашни услови и со ограничен пристап до услуги.

Таа смета дека државата нема реална стратегија, а Стратегијата за стари лица (2010–2020) никогаш не била сериозно применета. Потребна е ревизија или целосно нова стратегија што ќе ги вклучи и целите за одржлив развој до 2030 година.

Од друга страна, поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека клучот за подобрување на состојбата е влезот во Европската Унија. Тоа би го намалило иселувањето и би го вратило дел од младото население назад.

Симовски посочува дека просечната возраст за прво дете е 27–28 години, а фертилитетот кај македонските жени со години стагнира околу 1,5 дете по жена. Проблемот не е дека луѓето не сакаат семејства – туку што оние што треба да ги создаваат веќе не се тука. Раѓањата се случуваат во странство.

Дополнителен проблем е тоа што Македонија нема прецизни податоци за иселувањето – нема систем кој ги следи тие што си заминуваат. Без точни информации, тешко се креираат вистински политики.

И додека стареењето е природен процес и дел од човечкиот напредок, прашањето е – дали нашата држава е подготвена да му се соочи? Без акција, бројките нема само да бидат статистика – туку сурова реалност што сите ќе ја почувствуваме.

Иселувањето и неговото влијание

  • Годишно од Македонија се иселуваат повеќе од 15.000 лица, главно млади луѓе.

  • Иако потенцијалот за иселување се намалува (нема кој повеќе да се иселува од некои региони како источна и јужна Македонија), бранот на иселување останува значаен.

  • Главни причини за иселување не се само економски, како што било претходно, туку и поради недостаток на правна сигурност и политички нестабилности.

  • Младите не гледаат извесна иднина во земјата и се повлекуваат, што создава дупка во бројот на младото население.

Демографски трендови

  • Пописот во 2021 година покажа 1.837.000 жители, а сега бројот е околу 1.820.000. Вклучувајќи и иселувањата, се проценува дека реалниот број е околу 1.700.000.

  • Роденоста драстично опаѓа: од 24.296 новородени во 2010 до 16.737 во 2023 година (прогноза за 2024 е околу 15.000).

  • Намалувањето на бројот на родени деца и иселувањето доведуваат до зголемување на просечната возраст на населението (меѓу 45 и 50 години).

  • Структурата на населението ја изгуби типичната „пирамидална“ форма; сега изгледа како „древо“ со вдлабнатина во младите возрасти (20-40 години).

Стареење на населението

  • Македонија е во категоријата на земји со многу старо население уште од пред 15 години.

  • Најмногу жители се на возраст од 40-65 години, што не е вообичаено за нормално „младо“ население.

  • Очекуваното траење на животот варираше поради COVID-19, но сега повторно расте и се приближува кон вредностите од пред пандемијата (околу 75-76 години).

Проекции за иднината

  • Проекциите до 2070 година покажуваат голем пад на населението во зависност од миграциите и наталитетот.

  • Најлошата варијанта е дека населението може да падне до 500.000, а најдобрата е 1,5 милиони (сè уште далеку под сегашните вредности).

  • Природниот прираст веќе е негативен: во 2010 имаше повеќе родени од умрени (+5.183), а во 2023 умрени се повеќе од родени (-3.450).

Решенија и потенцијални излези

  • Клучно е да се запре иселувањето преку елиминирање на причините за тоа, особено преку подобрување на економската и правната сигурност.

  • Влезот во ЕУ се гледа како клучен фактор кој би можел да доведе до развој и стабилност, поттикнувајќи враќање на иселените и нов миграционен прилив.

  • Пронаталните мерки од претходните години немале значаен долгорочен ефект.

Глобални трендови и споредби

  • Стареењето на населението е глобален феномен, не само македонски.

  • Според ООН, бројот на луѓе над 65 години во светот ќе се дуплира од 2021 до 2050.

  • Македонското население сè повеќе се вклопува во овој тренд, со зголемување на делот на постарите од 65+ од 13,1% во 2013 на 18,1% во 2023.

  • Од 2019 година има повеќе смртни случаи отколку раѓања, што значи дека населението се намалува.

  • Најголем негативен прираст бил во 2021 година, кога имало речиси 10.000 повеќе умрени од живородени.

  • Во 2023 година на 100 умрени се родиле само 83 деца.

  • Најлоша состојба има во источниот, пелагонискиот и вардарскиот регион, а во Скопје и Полог има повеќе раѓања отколку смртни случаи.

Тренд во Европа

  • Во цела Европа наталитетот опаѓа веќе години наназад.

  • Во 2022 година само 4 земји од ЕУ имале стапка на раѓања над 10 на 1000 жители.

  • Просекот на раѓања во ЕУ е околу 8,7 на 1000 жители.

  • Вкупната стапка на фертилитет (број деца по жена) е околу 1,5 во Македонија и во ЕУ, што е под потребното ниво за природен раст.

Животен век

  • Животниот век во Македонија падна за време на пандемијата од Ковид-19, но почна повторно да расте во 2022 година.

  • Просечниот животен век во Македонија е околу 75 години, додека во ЕУ е околу 81 година.

  • Животниот век во Македонија е понизок и од европскиот просек.

Стареење на населението

  • Се зголемува бројот на постари лица (над 65 и над 80 години) во Европа.

  • Од 2004 до 2024 година уделот на лица над 80 години се зголемил од 3,8% на 6,1% во ЕУ.

  • Уделот на деца под 15 години се намалува.

Средна возраст и наталитет

  • Средната возраст во Европа расте и сега е околу 44,7 години.

  • Во 2023 година во ЕУ имало 8,2 раѓања на 1000 жители, што е помалку од пред 20 години.

  • Во Македонија и во Европа има повеќе смртни случаи отколку раѓања.

Слични содржини