Македонија во 2023 претседавач на ОБСЕ: „Нова можност за внатрешно институционално и политичко созревање“

од Берта Китинска
238 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информираше дека Северна Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ или познато како ОБСЕ тројка.

-Со тоа и формално започнуваат и нашите обврски поврзани со претседавањето во 2023 година со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ во која членуваат 57 земји, плус 11 медитерански и азиски земји партнери на Организацијата, кажа шефот на дипломатијата.

За нас во куќата на дипломатијата, истакна тој, еден од најважните приоритети во 2022 година ќе биде токму претседавањето со ОБСЕ и преку активната улога како дел од тројката, но и преку нашата подготовка за претседавањето во 2023 година.

Османи меѓу другото нагласи дека преземањето на претседавањето со себе носи одговорност, како и низа предизвици од логистички, економски и надворешно политички карактер.

– Претседавањето со ОБСЕ за нас ќе претставува и внатрешен трансформативен процес од консумент стануваме креатор и контрибутор на политиките на светско ниво. Ваквата инверзија на улогите претставува нова можност за нашето внатрешно институционално и политичко созревање, но во исто време рака под рака со глобалната експонираност тоа претставува и можност за зајакнување на имиџот на државата преку афирмација на нашите вредности и визии, рече министерот за надворешни работи.