Вкупната вредност на извезените македонски производи во Хрватска изнесува 127 милиони евра на годишно ниво, за разлика од хрватскиот чија вредност достигнува 197 милиони евра. Претседателката на жупаниската стопанска комора во Дубровник, Николина Тројиќ во интервју за Локално категорично тврди дека има простор за многу поголема соработка.
„Народите од нашите две држави ги препознаваат брендовите од времето кога живеевме во заедничка држава, а од друга страна Македонија сеуште има квалитетно производство на храна и на пијалоци. Сепак, сите чекори кои што се превземаат остануваат на индивидуално ниво, односно не се превземаат на меѓудржавно ниво. На Хрватска, особено после земјотресот и недостасува градежна оператива и секако дека многу би помогнал влез на македонски градежни компании“, вели Тројиќ.
Она што во моментов Македонија најмногу го извезува е работна сила. Во 2023 година биле издадени 13.412 работни дозволи за македонските државјани, што е 8% од вкупно издадените работни дозволи.
„Ние сме многу заинтересирани за Македоците како работна сила бидејќи имаат европски менталитет, културно наследство, во голем дел се слични на Хрватите, а се покажаа и како исклучително вредни“, посочува Тројиќ.
Република Хрватска е меѓу најсилните подржувачи на на нашиот пат кон ЕУ, па оттука и прашањето дали можеме да бидеме задоволни од досегашната економска соработка меѓу двете држави?
-Од аспект на увозот и извозот на стоки, Хрватска може да биде задоволна од соработката со Северна Македонија, но сеуште има простор за напредување во однос на извозот на стоки од страна на РС Македонија кон Хрватска. Бројките покажуваат дека Хрватска извезува 197 милиони евра, а од Македонија увезува стоки за 127 милиони евра. Оваа анализа покажува дека навистина има простор за многу поголема соработка. Македонија најчесто извезува сировини (железо и челик) и производи од железо и челик, потоа овошје и зеленчук, јаткасти плодови, кондиторски производи, алкохолни пијалоци и оцет. Од друга страна Хрватска во вашата држава најчесто извезува електрични машини и опрема, прехрамбени производи, фармацевтски производи, етерични масла и козметички производи.
Вкупната годишна размена во изминатите неколку години се движи во износ од 200 до 250 милиони евра.Каде го препознавате потенцијалот за зголемување на овој износ?
-Секако дека има потенцијал, особено ако се имаат предвид поранешните релации од заедничката држава во којашто живеевме. Народите од нашите две држави ги преопознаваат брендовите од тоа време, а од друга страна Македонија сеуште има квалитетно производство на храна и на пијалоци. Станува збор за исклучително квалитетни производи кои можат да се пласираат во рамки на хрватскиот туризам. Хрватска може да биде подршка на Македонија на патот кон приближување кон европските интеграции, особено со својот пример и искуство на добро користење на европските средства, во смисла на поттикнување на производителите или инвестирање во бизнис секторот.
Кои се главните пречки за поголем увоз на македонски производи во Република Хрватска?
Еден од факторите е законската регулатива на Европската унија која дефинира определени процедури кои во моментов третите земји во кои влегува и Македонија не мораат да ги исполнуваат. Во тој дел е Хрватска која е насочена кон Западниот пазар.Од друга страна, постои проблем поради недоволно познавање на производите и отсуство на меѓусебна соработка во рамки на која хрватските потрошувачи би можеле да дојдат во контакт со македонските произведувачи. Оттука, има простор за работа во насока на поврзување и подобро препознавање.
Согласно последните пораки од двете комори постои простор за зголемување на меѓусебната соработка во фармацевтската индустрија, сообраќајната инфраструктура, градежните компании и во туризмот. Дали се превземаат чекори на овие полиња?
-Сите чекори кои што се превземаат остануваат на индивидуално ниво, односно не се системски и глобални, всушност не се превземаат на меѓудржавно ниво.На Хрватска, особено после земјотресот и недостасува градежна оператива и секако дека многу би помогнал влез на македонски градежни компании. Нашата држава увезува работна сила од Македонија, и Македонците се покажаа како атрактивна работна сила со европски менталитет, културно наследство и со автентичност. Работата сила од Македонија е застапена во услужните сектори како што е туризмот, во сообраќајот, трговијата, а во еден дел и во градежништвото. Во 2023 година беа издадени 13.412 работни дозволи за македонските државјани, што е 8% од вкупно издадените работни дозволи. Сигурна сум дека овој процент ќе биде многу поголем во оваа, 2024 година. Ние сме многу заинтересирани за Македоците како работна сила бидејќи имаат европско културно наследство, во голем дел се слични на Хрватите, а се покажаа и како исклучително вредни.
За македонските граѓани Хрватска, особено Јадранското море е меѓу најатрактивните туристички дестинации.Колкав е интересот на хрватските граѓани за посета на Македонија, за Охрид?
-Во 2023 година имаше за 20% повеќе македонски туристи во однос на 2022 година што е секако показател за голем интерес.Од друга страна, препознаваме интерес и кај нашите државјани за туристичка посета на Македонија, препознавајќи ја како непозната и егзотична дестинација. Најголем дел од нив патуваат за Охрид како традиционално туристичко место, но во последно време го откриваат и Скопје. Проблем на туристичките тури е патната инфраструктура која не е соодветна за удобно патување. Оттука, би било полезно доколку Македонија воспостави почести авио линии.Во текот на летната сезона има летови за Дубровник и за Сплит но, со преседнување преку Загреб, и тоа само од скопскиот аеродром. Искуството говори дека авио летовите и ефтините авио превозници се формула за добра поврзаност и отскочна даска во туризмот. Денешните туристи сакаат во што покус временски рок да стигнат на посакуваната дестинација. Се надевам дека со изградбата на Јадранско- јонскиот пат кој ќе поминува низ Хрватска и ја поврзува Црна Гора ќе биде подобра и конекцијата на вашата држава.
К.В.С.