Македонската Радио Телевизија ја информира јавноста за донесената одлука идната година да не учествува на Изборот за песна на Евровизија што ќе се одржи во Малме, Шведска.
Оттаму велат дека ваквата одлука е во најдобар интерес на граѓаните, имајќи предвид дека Јавниот сервис идната година, со сите свои капацитети ќе се фокусира на одбележување на големиот јубилеј, 80 години Македонско Радио и 60 години Македонска Телевизија.
-Активностите за одбележување на големиот јубилеј ќе се одвиваат во текот на целата 2024 година. МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале, објавија од МРТВ.
На евровизискиот сајт: есц. тудеј (esc.today) синоќа било објавено дека Македонската телевизија, како носител на лиценцата за учество на „Евровизија“ официјално потврдила дека нема да учествува ниту оваа година.
Земјава и лани не учествуваше на изборот за песна на Евровизија што се одржа во Ливерпул.
Последниот настап на Евровизија за Македонија беше во 2022, кога земјава ја претставуваше Андреа Коевска, со песната Circles.
Македонија го имаше своето дебитанско учество на Изборот на песна за Евровизија во далечната 1998 година, кога нѐ претстави Владо Јаневски со песната „Не зори зори“. Оттогаш, нашата држава имаше 22 учества на овој музички фестивал.