Девизните резерви се во сигурни раце и изнесуваат 4,6 – 4,7 милијарди евра, што е сосема комотна позиција за земјата, а покриваат околу 4,5-месечни вредности на увозот додека светскиот стандард што се препорачува е 3 до 3,5 – ова го изјави гувернерот на Народната банка (НБ), Трајко Славески на отворената работна средба со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Тој потврди дека дел од девизните резерви се чуваат во злато, кое Македонија го депонира во Банката на Англија. За есен е планирана посета на оваа институција од страна на тим на Народната банка предводен од гувернерот, со цел директна проверка на златните резерви.
-Златото го чуваме во Банката на Ангија и планирам со мој тим некаде наесен да одиме да провериме дали е таму, рече на шега Славески, посочувајќи дека во една прилика претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека ќе оди во Форт Нокс да види дали е таму златото на САД, кое што го чуваат.
Тој не знае зошто е прекината практиката земјава да не го зголемува износот на монетарното злато.
-Во минатото Народната банка од рудниците го откупуваше златото и го ставаше во златните резерви. Моментно тие не се на задоволително ниво. Златото барем последната година двојно ја зголеми цената. Секогаш кога настанува некоја несигурност во светот, инвеститорите бегаат во сигурни средства, а едно од нив е златото, потенцира гувернерот.
Во текот на јавната дискусија, Азески, пак, укажа дека за бизнисот сѐ уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и компаниите, но и транспарентноста која како што посочи „никаде ја нема, на пример за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви“.