Македонисти, балканисти и слависти од сите страни на светот доаѓаат во Охрид

од Vladimir Zorba
427 прегледи

Половина век Меѓународна научна конференција за македонистика. Македонисти, балканисти и слависти од 15 различни држави од сите страни на светот доаѓаат во Охрид. Од утре, 1 септември до недела, 3 септември 2023 година ќе се одржи 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Оваа Конференција е научен собир за јазик, литература и култура, кој е единствен во регионот со толкава традиција на континуирано, непрекинато одржувње и по бројот на објавени зборници на научни трудови. Токму научните трудови произлезени од оваа Конференција во изминатите пет децении се едни од клучните македонистички научни референци, од странски и домашни научници, а на ова нејзино јубилејно издание и повеќе од половина од учесниците се од странството.

Свеченото отворање на Конференцијата и централното одбележување на нејзиниот јубилеј, кој е важен не само за македонистиката и воопшто за филологијата, туку и за македонската држава ќе се одржи утре – 1 септември, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. На отворањето, свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а поздравна реч ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Учесниците на Конференцијата, во текот на пленарната сесија ќе ги поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во рамките на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од минатогодишното издание на Конференцијата, во кој на над 500 страници се објавени нови трудови од областа на македонистиката. Негови промотори ќе бидат минатогодишните координаторки на секциите на Конференцијата: проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, проф. д-р Лидија Тантуровска и проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.

По свеченото отворање и пленарната сесија, на 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, три дена, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, на кои ќе бидат презентирани близу 70 нови научни трудови. Од двете секции се очекува да призлезат нови научни согледби и заклучоци кои ќе се влог во македонистичките проучувања, со нови анализи, истражувања и исчитувања и од странските посветеници на македонистиката.

Централните теми на Конференцијата ќе бидат за делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов. Конференцијата е дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов”, под покровителство на претседателот на државата. Претходно, оваа програма започна токму со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ од која произлезе и зборникот „Шопов на 11 јазици”. Тој беше промовиран во завршницата на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ на која двата јубилеја – во чест на Мисирков и на Шопов беа одбележани пред околу 70 учесници од 18 држави.

На Конференцијата ќе бидат опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици” и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури”, коишто веќе со години овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. Во децениите наназад, токму овие теми се издвојуваа како најголем предизвик за странските македонистти, балканисти и слависти при учеството на Конференцијата, при што се произлезени и стотици научни трудови со важни согледби за спецификите на македонскиот јазик, литература и култура.

Кооординаторка на лингвистичката секција на 50. Меѓународна научна конференција е проф. д-р Гордана Алексова, а на секцијата за литература и култура, координаторка е проф. д-р Искра Тасевска-Хаџи-Бошкова, и двете од Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ.

Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период, имајќи ги предвид бројот на учесниците и реферератите, но и фактот дека ова конференциско издание е единствено од областа на македонистиката и по бројот на земји од кои има учесници.

Слични содржини