Македонистиката во Хрватска има далекусежни перспективи

од Vladimir Zorba
298 прегледи

Изложба на фотографии од Македонија, промоција на прв превод на избор од македонски авторски сказни од македонски на хрватски јазик, македонска музика во хорска изведба, дегустација на македонски традиционални специјалитети… Со низа настани и активности, вчера, сиот Филозофски фаултет во Риека беше во знакот на значајниот јубилеј – 15 години од основањето на тамошниот Лекторат по македонски јазик. Аулата и амфитетатарот на Факултетот беа претесни за во нив да се соберат сите членови на хрватската академска заедница, студенти и воопшто почитувачи на македонскиот јазик, литература и култура кои со своето присуство сакаа да го поздрават јубилејот на Лекторатот. Но и да ги поздрават неговите големи остварувања во изминатите деценија и половина. Јубилејот беше одбележан и на свечената седница на Наставно-научниот совет со која се чествуваше 25-годишнината од основањето на риечкиот Филозофски факултет. Од досега одржаните работни средби, заедничкиот заклучок е недвосмислен: ако се продолжи по патеките кои се трасираат со досегашната посветеност и со остварувањето резултати какви што се досегашните, перспективите на македонистиката во Хрватска се далекусежни.

Присутните на настаните ги поздрави и македонскиот амбасадор, проф. д-р Милаим Фетаи.

Во централниот дел на чествувањето се одржа промоцијата на првиот превод на избор од македонски авторски сказни од македонски на хрватски јазик – „Детелинки белинки” („Djetelice bjelice”), кој е потфат на актуелната лекторка по македонски јазик во Риека, м-р Биљана Стојановска и нејзините студенти по македонистика од Отсекот за преведување, кои ги преведоа текстовите. Преводот беше подготвен и објавен токму во чест на значајниот јубилеј на Лекторатот.

– Големата мисла на уште поголемиот Петре М. Андреевски денеска нè води. „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе”, вели Андреевски, „оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме”. Имам чувство дека оваа идеја е онаа што ja носелеле и м-р Биљана Стојановска и нејзините студенти, кога се решиле на овој потег да се преведат шеснаесетте нови приказни – сказни, по повод 15 години успешна работа на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека, напомена на почетокот на својата промотивна реч, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

Осврнувајќи се на значајноста на подготовката на ова издание во превод од македонски на хрватски јазик на студентите од Риека, пред големиот број присутни, таа говореше и за македонската традиција на раскажување, одделно задржувајќи се на улогата на Марко Цепенков. Притоа, посочи дека современите авторски сказни кои за првпат се преведуваат на хрватски јазик се одржување и продолжување на таа традиција. Но, одделно се задржа и на важноста на самиот превод, со кој не само детската читателска публика, туку севкупната хрватска јавност за првпат по подолго време ќе има можност да се запознае со некои од новите поетики во македонската книжевност за деца.

– Уште некаде во 1948 година, Блаже Конески ќе констатира: „Нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето”. А за да го ковеме и исковеме потребни се посветени македонисти, суптилни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, вљубеници во македонскиот збор, добри, сериозни преведувачи. Токму таква ковачница е и ова издание, нагласи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, која покрај тоа што е универзитетски професор по современа македонска книжевност и култура, повеќе од една деценија, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” предава и предмети од областа на книжевноста за деца.

За книгата која е превод на истоимениот избор објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Арс Ламина” – редакција „Либи”, промотивна реч имаа и проф. д-р Петра Жагар-Шоштариќ и доц д-р Жељка Мацан од Филозофскиот факултет во Риека. Тие го нагласија и квалитетот на преводот со кој македонските сказни се пренесени на хрватски јазик, но едновремено и истакнаа дека ваквото издание, во кое текстовите се објавени и во оригинал и во превод е достоинствен и конкретен показател на квалитетот на работата на Лекторатот по македонски јазик во овој период. Според изнесените оцени, може да се очекува дека ова издание значајно ќе придонесе за интересот за македонската книжевност за деца во Хрватска, како од страна на стручната јавност, така и од страна на издавачите, што ќе биде и уште еден влог во афирмацијата на македонските книжевни и културни вредности и во следниот период.

На настанот одделно се обратија и претставнички од студентите кои работеа на преводите – Ана Братовиќ и Маргарета Чанжар. Покрај нив, автори на преводите се и: Анамарија Гојевиќ, Ивана Јовановиќ, Луција Тогонал, Марија Кунчиќ, Наталија Милковиќ, Нина Дојчиновиќ, Нина Меданиќ и Тихана Тадеј.

Објавувањето на изборот македонски авторски сказни во превод на хрватски јазик се надоврзува на зголемиот интерес за македонската книжевност за деца во странските културни центри во изминатиот период.

Голем интерес на Филозофскиот факултет во Риека предизвика и изложбата на фотографии „Патувања без споменици: Фрагмент Македонија” од хрватскиот фотограф Марио Пуќиќ. Мотивите од нашата земја, нејзините природни убавини и фрагментите од урбаната култура видени низ објективот на Пуќиќ, на големиот број присутни им овозможија едно уникатно запознавање со нашата земја, поттикнувајќи интерес со многу прашања од помладите генерации. Со своја промотивна реч, изложбата ја отвори директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска. Одделно значајно е што за првпат по отворањето на Центарот се случува ваква изложба на која нашата земја се претставува преку фотографското, уметничко видување на хрватски фотограф, токму во чест на значајниот јубилеј на Лекторатот по македонски јазик.

Посебно внимание привлече и настапот на хорот на македонското културно друштво „Илинден”, со кој среде Филозофскиот факултет во Риека одекна и македонската песна. Преку овој сегмент на програмата за чествување на јубилејот, пред хрватската академска заедница се овозможи доживување на уште еден сегмент од македонската култура.

На овие настани, со своето присутво, поддршка дадоа и заменик амбасадороката на земјава, Маја Апостоловска Балабурски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, раководството на Филозофкиот факултет во Риека и на Катедрата за кроатистика, директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска и почесниот конзул во Риека, Златко Делов. Значајно е што меѓу присутните беа и бројни преставници на тамошната македонска заедница, меѓу кои и претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, д-р Данијела Трајковски Штанфел, претседателката на Советот на македонското национално малцинство за Град Риека, Санда Треневска Хрељац и претседателката на Македонското културно друштво „Илинден” од Риека, Ивона Дуноски Митев.

Во рамките на чествувањето на значајниот јубилеј, на Филозофскиот факултет во Риека, почитта кон македонската култура, голем дел од присутните ја искажаа и во разговорите во текот на дружењето на кое од Македонското културно друштво „Илинден” беше овозможена дегустација на специјалитети од македонската кујна. И тоа и со размена на идеи за натамошни проекти и активности преку кои може да се продолжи со афирмација на македонската култура во Хрватска и надвор од академската средина, за што Лекторатот по македонски јазик и постојано се залага.

Во текот на вчерашниот ден, јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик, Филозофскиот факултет во Риека го одбележа и на свечена седница на својот Наставно-научен совет, во рамките на која се чествуваше и 25-годишнината од неговото основање.

Чествувањето на јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Риека ќе се заокружи со уште неколку работни средби кои се важни за неговиот натамошен развој и за развивањето на соработката меѓу македонските и хрватските филолози.

Слични содржини