Радмила Шеќеринска станува втор човек на најсилната воено-политичка алијанса во светот, НАТО, но Владата на Северна Македонија одлучи да ја премолчи оваа вест.
Ова е највисока позиција на која е назначен македонски функционер во историјата на државата, но очигледно тоа е недоволно за претседателката, премиерот и министрите за одбрана и надворешни работи.
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, која во предизборната кампања бркаше гласови со тематика за зајакнување на улогата на жените во општеството, не го поздрави изборот на Шеќеринска, а честитка немаше ниту од премиерот Христијан Мицкоски, како ни од министрите за одбрана и надворешни работи, Мисајловски и Муцунски.
Честитка дојде и од американската амбасадорка Ангела Агелер, која на социјалните мрежи ги прозва Владата и Мицкоски за поддршката на нејзината кандидатура. Агелер исткна дека назначувањето на Шеќеринска на оваа позиција е вистински доказ за нејзината експертиза и искуство.
Изборот на Шеќеринска ѝ го честитаа и од соседните земји, а честитка дојде дури и од бугарскиот претседател Румен Радев, кој порача дека очекува нејзиното назначување да придонесе кон зајакнувањето на колективната безбедност и сигурност на Алијансата.
Шеќеринска на социјалните мрежи порача дека ќе ѝ биде чест да служи како заменик-генерална секретарка на НАТО и дека ќе работи со сите сојузници за посилна и побезбедна Алијанса.