Оваа lockdown година, и глобално и локално, беше одлична за берзите, вели во интервју за локално.мк првиот човек на Македонската берза Иван Штериев. Анализите покажуваат дека акцискиот промет на Македонската берза во 2020 година бил повисок во однос на берзите во Белград, Софија, Подгорица, Сараево и Бања Лука.„Во 2020 год.повеќето регионални берзански индекси бележат намалување за разлика од нашиот МБИ10, којшто на последниот ден на тргување влезе во позитивна територија и ја заврши годината со благ годишен пораст од 1,20%.’’, посочува Штериев .
Бројките уште говорат дека вкупниот промет на берзата лани бележи зголемување од над 6% а прометот со акции во БЕСТ системот е зголемен за 48% што претставува најголем ваков промет во последната деценија.
И во пандемија од корона вирус, нето добивка прикажале 69 друштва а загуби евидентирале 28 друштва.Најголемиот дел од добивките се остварени во секторот банкарство а во индустријата приматот го држи фармацијата.Загубите ги книжеле најмногу котираните друштва од секторот угостителство каде загуба бележат три од четири друштва.
Штериев има позитивни очекувања во однос на растот на цените на акциите и за 2021 година. Како клучни фактори кои ќе имаат импакт врз работењето на компаниите и берзанските трендови Штериев наведува неколку„ медицински (колку брзо и ефикасно ќе се спроведе масовната вакцинација), економски (ликвидноста и задолженоста во приватниот и јавниот сектор, висината на каматните стапки и инфлацијата) и политички (изборни и постизборни случувања, трговски војни и надмудрувања’’.Но нема дилеми, вели Штериев,2021 ќе биде навистина возбудлива година на секој план.
По речиси цела година живот во пандемија, како би ја оцениле 2020 год. за Македонската берза? Дали барем на крајот од таа исклучително тешка година за секој бизнис, состојбите почнаа да се стабилизираат?
– Сума сумарум, оваа lockdown година, и глобално и локално, беше одлична за берзите. Ова е можеби зачудувачки, во услови кога пандемијата од вирусот COVID-19 го промени начинот на живот и предизвика сериозни проблеми во работењето на многу компании и бизниси. Како и да е, после првичниот шок во месец март кога берзите насекаде отидоа во големи минуси, како резултат на масовната државна и монетарна интервенција, но и како последица на поминувањето на првичната паника и осознавањето дека човештвото сепак некако ќе функционира и кохабитира со вирусот, долгиот биков пазар којшто траеше со години претходно, не само што не запре, туку дополнително се интензивираше. Оттука, 2020 година ја завршивме со пазарни цени на акциите на доста високи или на многу високи нивоа, особено на поголемите светски берзи, со главен акцент на американските пазари. Dow Jones на годишно ниво се зголеми за 7,5%, S&P500 за 16,6%, а NASDAQ Composite за неверојатни 44%. Европските акции имаа поскромна перформанса – германскиот DAX ја заврши годината со плус од 3,6%, а англискиот FT100 со негатива од 12,87%. Акциите на високотехнолошките фирми, фармацевтските, биотехнолошкитe и енергетските компании поврзани со новите начини на производство и обновливите извори рушеа рекорди. Паралелно, на глобално ниво 2020 година беше најдобрата година за IPO-a гледано во подолг временски период наназад.
Кај нас, вкупниот промет на Македонска берза во 2020 година изнесува одлични 132,8 милиони евра што е зголемување за повеќе од 6% наспроти лани. Најбитниот статистички показател – прометот со акции во БЕСТ системот изнесува над 92 милиони евра, зголемен е за 48% и претставува најголем ваков промет во последната деценија. Индексот МБИ10 ја заврши годината со благ пораст од 1,2%, што е навистина добра перформанса во настанатите услови.
Чија акција беше најтргуваната акција на официјалниот пазар, според бројот на трансакции и според количина на истргувана акција? Кои акции беа најинтересни за инвеститорите?
– Најтргувани хартии од вредност во 2020 год.беа акциите издадени од Комерцијална банка, со остварен промет од тргувањето во БЕСТ системот од 35,4 милиони евра, потоа следат акциите издадени од Алкалоид со промет од околу 17,1 милиони евра и акциите на Макпетрол АД Скопје со промет од околу 10,4 милиони евра. Доколку како критериум за рангирање на акциите се земе бројот на склучени трансакции, повторно се добива истиот редослед, односно според бројот на склучени трансакции во БЕСТ системот најголемо учество има Комерцијална банка АД Скопје со 7.476 трансакции, следат акциите на Алкалоид АД Скопје и Макпетрол АД Скопје, со 3.883 и 2.417 трансакции годишно, респективно. Учеството на прометот остварен во БЕСТ системот на десетте акции во МБИ10 во прометот со акции од класично тргување во БЕСТ системот во 2020 год. изнесува високи 93%.
Како КОВИД-от се одрази врз акциите на најпогодените сектори, винариите, прехрамбената индустрија, нафтената индустрија, банките, хотелиерите? Кои сектори короната ги однесе во загуба а кои останаа имуни на пандемијата и ги подобри резултатите во работењето?
– Акционерските друштва котирани на Берзата во првите девет месеци од 2020 година остварија нето добивка во износ од 9,7 милијарди денари (вкупната добивка на сите друштва минус вкупната загуба), што претставува намалување од 9,4% во однос на лани. Нето добивки прикажале 69 друштва, а загуби евидентирале 28 друштва.
Најголемиот дел од вкупните добивки се остварени во секторот банкарство каде што отпаѓаат речиси 50% од вкупно остварените добивки во 2020 година или 4,9 милијарди денари.
Секторот индустрија бележи нето добивка од 2,2 милијарди денари, a најголем пораст од 17,2% на нето добивката во 2020 година е забележан во секторот фармација,каде вкупната акумулирана добивка изнесува 965,5 милиони денари.
Позитивни финансиски резултати се евидентирани во секторот трговија со нафта во износ од 286,7 милиони денари (но, со евидентно намалување од 61,3% во однос на лани) и кај секторот градежништво со вкупна добивка од 128,8 милиони денари (намалување од 48,5%). Зголемени добивки има во секторите осигурување и трговија, а намалување во секторот услуги.
Кај котираните друштва од секторот земјоделство две од пет друштва пријавиле загуби во првите девет месеци од 2020 год., а најголеми загуби се забележани кај котираните друштва од секторот угостителство, каде е забележана загуба кај три од четири друштва, со вкупна акумулирана загуба од 73,5 милиони денари.
Годишните финансиски резултати котираните компании ќе ги обелоденат заклучно со месец март и тогаш ќе може да се направи финална анализа за 2020 година.
Како пазарот на хартии од вредност реагираше на владините мерки за справување со короната?
– Во новата реалност што се создаде поради пандемијата од вирусот COVID-19, сите пазари на хартии од вредност, вклучително и Македонска берза, функционираа во окружување на големи турбуленции. Сето ова предизвика висока ценовна осцилаторност на домашниот пазар поради што во координација со Комисијата за хартии од вредност се превземаа ургентни мерки за обезбедување на континуирано и уредно тргување со хартиите од вредност во такви услови. Владите насекаде одлучно делуваа со радикални мерки за стимулирање на економијата, а централните банки без двоумење максимално ја релаксираа монетарната политика. Ваквите реакции генерално беа дочекани од берзанските инвеститори со олеснување и поздравување. Кај нас интервентните пакети мерки на Владата, поради структурата на главните котирани акционерски друштва, не беа директно насочени кон овие компании, но беа јасен сигнал дека државата реагира во услови на нарушени економски и финансиски текови поради пандемијата и сите ограничувања што произлегоа од неа, дека поради тоа нема драстично да се намали потрошувачката во економијата, дека нема да има масовно губење на работни места и дека најпогодените сектори ќе добијат барем краткорочно соодветна инфузија. Во наши услови уште поважни беа преземените мерки на централната банка и однесувањето и прилагодувањето на деловните банки, особено околу времетраењето, модалитетите и ефектите од спроведениот кредитен мораториум. Да се потсетиме, ние во регионот сме берза со убедливо најголем број котирани банки (вкупно осум), од кои пет се составен дел од индексот МБИ10, односно банкарските акции се помеѓу најликвидните на нашиот пазар.
Минатата година стартувавте со т.н листа за набљудување на која веднаш се најдоа компании кои не постапувале согласно Правилата за котација. Како влијае ваквата листа врз компаниите а како врз инвеститорите и колку компании во моментов се на “набљудување”?
– Со последните измени и дополнувања на Правилата за котација на Берзата беа воведени повеќе значајни новини што ќе значат дополнително зголемување на транспарентноста на и за котираните друштва, меѓу кои беше и т.н. Листа за набљудување. Оваа Листа се објавува на интернет страницата на Берзата и во неа друштвата може да бидат внесени во два случаи, односно доколку котираното друштво во подолг период не ги исполнува обврските согласно Правилата за котација (тогаш ова е санкција за котираното друштво што е јавно обелоденета), но и само како информација за јавноста во случаи кога за одредено друштво постојат специфични ситуации и настани во врска со неговите хартии од вредност или неговото функционирање (на пример во случаи на преземања, блокирани сметки на друштвото итн.).
Воведувањето на оваа Листа е доста иновативен потег (мал број берзи го имаат ова, а во наши услови направивме и некои посебни прилагодувања), за што веќе добивме позитивни коментари од странските експерти ангажирани од ЕБРД со кои, заедно со Комисијата за хартии од вредност, работиме на новиот Кодекс за корпоративно управување. Се чини дека оваа новина предизвика интерес и беше добро примена во јавноста. Од аспект на котираните друштва, се надеваме дека постоењето на Листата за набљудување и природната потреба да не сакате да бидете на неа ќе биде мотив повеќе за поголема транспарентност и почитување на обврските од Правилата за котација. Во овој момент на Листата за набљудување се наоѓаат вкупно 11 друштва, од кои 3 се како санкција односно поради посериозни неисполнувања на обврските од Правилата за котација, а 8 се внесени заради специфични ситуации и настани.
Загребската берза стана малцински акционер во Македонска берза купувајќи 5,3 % од нејзиниот капитал. Дали со ваквиот чекор се зголеми активноста на хрватските акционери и дали тие ги ставија македонските хартии од вредност на својот инвестициски радар?
– Меѓусебното поврзување на пазарите на капитал е логичен развоен пат не само во регионални, туку и во глобални рамки, поради тоа што на пазарите – особено на помалите – им треба поголема ликвидност, а инвеститорите од пазарните оператори бараат поефикасни и поефтини услуги. Оваа стратешка определба ја споделуваат и берзите во нашиот регион, поради што кон крајот на 2019 година се случи споменатата трансакција којашто, според берзата од Загреб, е направена поради препознавање на значајниот потенцијал на Македонска берза и како надополнување на одличната повеќегодишна билатерална соработка. Оттука, логично е да се очекува дека во иднина треба дополнително да се интензивираат заедничките активности на двете берзи. Една од позитивните последици од ова поврзување би требало да биде враќање на хрватските инвеститори на македонскиот пазар, како пред големата светска финансиска криза кога, заедно со словенските, токму тие беа еден од главните играчи на македонскиот пазар. Од друга страна, официјалните податоци покажуваат дека оваа година на Македонска берза учеството на странските инвеститори е минимално (само 1,3% на куповната, односно 8,2% на продажната страна од прометот). Со други зборови, привлекувањето на хрватските инвеститори на домашниот пазар и повторното ставање на нивниот радар на македонските хартии од вредност очигледно нема да дојде по автоматизам и ќе биде процес, но истото е приоритет во соработката на двете берзи и тоа не само како декларативна заложба, туку поради конкретен заеднички бизнис интерес. Секако, во 2020 година сето ова беше отежнато и поради случувањата поврзани со пандемијата. Едноставно, не влегувате на нови пазари во вакво време – невреме.
Што покажуваат вашите компаративни регионални анализи,каков беше акцискиот промет на нашата берза во однос на берзите во Белград, Софија, Сараево, Подгорица…?
– Како што веќе спомнавме, кај нас прометот со акции во БЕСТ системот во 2020 година изнесува високи 92 милиони евра, а ако се земат предвид и блок трансакциите акцискиот промет е 125 милиони евра. Компаративната регионална анализа покажува дека акцискиот промет на Македонска берза во 2020 година е повисок во однос на берзите во Белград (43 милиони евра), Софија (93 милиони евра, заклучно со Ноември), Подгорицa (23 милиони евра), Сараево (58 милиони евра, заклучно со Ноември) и Бања Лука (54 милиони евра). Прометот со акции на берзите во Загреб и Љубљана оваа година година е стандардно доста поголем, односно над 390 милиони евра. При анализата се користени податоците кои се објавуваат на официјалните интернет страни на овие регионални берзи.
Што се однесува до ценовните нивоа, во 2020 год.повеќето регионални берзански индекси бележат намалување за разлика од нашиот МБИ10, којшто на последниот ден на тргување влезе во позитивна територија и ја заврши годината со благ годишен пораст од 1,20%. Вредностите на другите акциски индекси во регионот се следни: CROBEX -13,79%, BELEX15 -8,75%, SBITOP -2,78%, SOFIX -21,23%, MONEX -9,43%, BIRS -6,69%, SASX10 -4,11%.
Какви се шансите цените на акциите да растат во 2021 год.?Дали го делите мислењето дека успехот во инвестирањето догодина е веројатен но не и загарантиран?
– Моментално пазарите на капитал функционираат во окружување што се карактеризира со состојби коишто или настанаа поради COVID-19 или коишто корона кризата уште повеќе ги нагласи – голема неизвесност, забавена економска активност, задолженост и во приватниот и во јавниот сектор и сериозни оперативни предизвици за компаниите. Наспроти тоа цените на акциите во 2020 година, особено на најголемите светски берзи, продолжија да растат. Наративот што се обидува рационално да го објасни овој феномен се базира на фактот дека во текот на 2020 година насекаде во светот владите спроведоа одлучни мерки за помош и стимулација на економијата во парични вредности незамисливи претходно. Истовремено, каматните стапки се сеуште на извонредно ниско ниво и инвеститорите, врз основа на изјавите на креаторите на политиките, се убедени дека тоа ќе остане така во догледна иднина.
Во вакви услови пресудно за инвеститорите на сите пазари на капитал во наредниот период ќе биде какви ќе бидат влијанијата на клучните фактори што ќе имаат импакт на работењето на компаниите и берзанските трендови – медицински (колку брзо и ефикасно ќе се спроведе масовната вакцинација), економски (ликвидноста и задолженоста во приватниот и јавниот сектор, висината на каматните стапки и инфлацијата) и политички (изборни и постизборни случувања, трговски војни и надмудрувања).
Секако, оптимистички настроените инвеститори веруваат дека вакцината набрзо ќе ја ублажи состојбата со COVID-19, инфлацијата ќе може и понатаму да се контролира и дека во текот на 2021 година ќе отпочне поробустен економски раст и опоравување.
На домашниот пазар со нетрпение ќе се очекуваат првите финансиски резултати на котираните компании за првиот квартал од новата година, нивните одлуки околу исплатата на дивиденди, ефектите од завршувањето на кредитниот мораториум, како и развојот на настаните по најновата блокада на нашите европски интеграции.
Она за што нема дилеми е дека 2021 ќе биде возбудлива година.
Владата најави подготовка на повеќе законски решенија од областа на пазарот на капитал со цел усогласување со Европското законодавство. Што поточно значи тоа?
-Измените на законската регулатива од областа на пазарот на капитал на кои се работи веќе подолго време, ќе резултираат во два нови закони и тоа Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти и обврски за транспарентност на издавачите, кои се очекува да бидат речиси целосно усогласени со европските директиви кои ја регулираат оваа проблематика. Со Законот за финансиски инструменти се планира да се направат позначајни промени во работењето на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност, особено во работењето на постојните брокерски куќи и банки кои работат со хартии од вредност, во иднина т.н инвестициски друштва, берзата, односно пазарниот оператор, и депозитарот, измени во досегашната пазарната сегментација, воведување на нови финансиски инструменти, како и воведување на некои други новини согласно европската регулатива.
2020-та беше историска година и поради тоа што на Волстрит започна трговијата со вода со што како финансиски инструмент им се придружи на златото, нафтата и др.стоки. Каков сигнал се праќа и дали овој вид тргување може да се случи и на нашата берза?
-Некои видови на финансиски инструменти се тргуваат само на најголемите и најразвиените берзи. Мотивацијата за издавање и тргување на секој инструмент секогаш е пазарна, односно проценка дека постои некоја реална или инвестициска потреба одредени субјекти да се јават како купувачи и продавачи на пазарот. Истото важи и за најновото издавање и почеток на тргување со фјучерси на вода во САД. Како и за секој пазарен продукт, и овде се неопходни два елементи – инвеститори кои имаат мотив да инвестираат во определен инструмент и издавач кој би имал свој финансиски интерес да го издаде тој инструмент и да заработи од тоа. Најновото тргување со вода на американските берзи се темели на реалната потреба во САД, поради честите пожари на западниот брег, да се има со сигурност доволна количина на вода доколку затреба во иднина (кога сите ќе ја бараат и ќе биде поскапа или ќе биде тешко достапна). Ваквиот вид на деривативни финансиски инструменти за жал тешко се развиваат на помалите пазари, примарно поради непостоење на издавачи кои наоѓаат свој интерес во тоа, но и поради тоа што ваквите инструменти бараат комплексна пазарна инфраструктура и голем обем на тргување. Сепак, пазарите се динамична и прилагодлива категорија и времето ќе покаже дали во иднина можеби ќе се појават вакви специфични финансиски инструменти и на помалите пазари, вклучително и на нашиот. Во секој случај, Македонска берза е отворена за новини кои значат подобрување на понудата на пазарот и зголемување на опциите за инвестирање.
К.В.С.