Претседателот Стево Пендаровски ја осуди руската инвазија на Украина и во име на македонските граѓани изрази солидарност со украинскиот народ.
-Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина, стои во соопштението од претседателот.
Тој изрази „солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња“.
Пендаровски за денеска (24 февруари 2022 година) свика седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за руската агресија врз Украина.
„Седницата ќе се одржи во Кабинетот на претседателот со почеток во 14:00 часот. Соопштение за заклучоците на Советот за безбедност, како и фото и видео инсерти од седницата ќе бидат дистрибуирани од страна на Кабинетот на претседателот по завршувањето на седницата“, стои во соопштението.
Северна Македонија и нуди помош, колку што може на Украина во овие моменти. Ваквата порака му била пренесена од страна на македонскиот премиер Димитар Ковачевски на неговиот украински колега во телефонски разговор.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“ изјави дека Северна Македонија како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ се координира со нашите партнери за натамошните чекори.
„Изразувам осуда за агресијата на Русија врз Украина. Тоа е агресија која е недозволива. Ние ја почитуваме и поддржуваме територијалната целовитост и независност на Украина и стоиме со украинскиот народ“, вели Маричиќ.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во гостувањето на Топ Тема, рече дека безбедносната состојбата во Македонија е стабилна и институциите преземаат мерки и активности со кои ја гарантираат таа безбедност, а со членството во НАТО сме дел и од колективната безбедност на алијансата.
„Нема потреба да се крева борбената готовност на армијата, но она што треба да го знаат сите особено скептиците е дека македонската армија е секогаш подготвена и тие имаат задачи и обврски кои спаѓаат во секојденвното нивно работење“, вели, министерката за одбрана.
Таа напоменува дека во армијата има професионалци кои се посветени на мисијата.
„Со амбасадорката на САД бевме присутни на завршувањето на неколку неделната обука на дел од припадниците кои има тренинзи, имав прилика како нова министерка да се уверам во нивната подготвеност жалам што ќе ги разочарам скептиците македонската армија е секогаш подготвена да одговори на предизвиците“,вели Петровска.