Македонската фудбалска репрезентација испиша историја!

од Берта Китинска

Голот на Горан Пандев го отвори патот кон големиот успех на нашата фудбалска репрезентација. Историскиот успех го овозможи вечерашната победа од 1:0 над Грузија во Тбилиси.

Оваа генерација на фудбалери  со златни букви ќе биде испишана во историјата на нашата земјаСтрелец на единствениот гол беше ветеранот и легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев.

Решавачкиот момент се случи во 56 минута кога Пандев ја затресе мрежата на Грузија во акција на која и претходеа неколку феноменални подавања од соиграчите Елмас и Несторовски.

Селекторот Игор Ангеловски – Мрме кој со солзи го проследи последниот свиреж на судијата .

Легенда на македонскиот фудбал, 37-годишниот напаѓач на Џенова не го криеше својот ентузијазам по огромниот успех што го направија тој и неговите соиграчи.

– Досега сум одиграл многу вакви натпревари, но сега сум пресреќен. Мислам дека со моето искуство му помогнав на тимот да постигне историска цел, а тоа е настап на Европското првенство следната година – рече Пандев.

Претседателот Стево Пендаровски е меѓу првите кои им честиташе на македонската фудбалска репрезентација за победата во мечот со Грузија, со која се пласираше на Европското првенство.

„Историски успех на македонската фудбалска репрезентација! Браво момци, се гордееме со вас! Одиме на Европско!“, напиша Пендаровски на својот фејсбук-профил.

Голем број познати лице, медиуми, спортисти го честитаа пласманот на нашата селекција, а меѓу нив и официјалната страница на УЕФА ЕВРО 2020. „Македонија се пласира на голем турнир за прв пат во нивната историја“, напишаа од Европската куќа на фудбалот со бројни фотографии од славјето на селекцијата.

Владата експресно подготви премија

– На седница на Владата донесовме одлука од буџетските резерви да ги наградиме сите членови на македонската фудбалска репрезентација со по 10.000 евра, за историскиот успех – пласман на Европско првенство, – порача премиерот Зоран Заев.

Европското првенство се игра во јуни и јули идната година

Репрезентацијата на Северна Македонија ќе игра во група со репрезентациите на Холандија, Австрија и Украина. Според распоредот првите два натпревари нашата репрезентација ќе ги игра на 13 и 17 јуни во Букурешт а потоа се сели во Амстердам каде на 21 јуни игра против домаќинот Холандија.

Слични содржини