Меѓусебна размена на искуства на патот кон интеграција во Европската Унија, зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Црна Гора, како и подобра комуникација и размена на податоци во реално време со цел побрза реакција на службите, зголемена безбедност во регионот и олеснување на меѓународната трговија.
Ова беа главни теми на билатералната средба одржана во Подгорица помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, и директорката на Царинската управа на Црна Гора, Маја Вучиниќ, на која учествуваа и експертски тимови од највисокото раководство на двете институции.
„Оваа средба произлезе од потребата да размениме искуства во процесот на дигитализација и усогласување на царинската легислатива со законодавството на ЕУ, и претставува можност да воспоставиме системска соработка во иднина – во интерес на зајакнување на безбедноста во регионот и подобрување на конкурентноста на економиите на двете земји,” истакна директорот Николовски.
Особен акцент беше ставен на дигитализацијата на царинските постапки во Црна Гора, како и на можностите за примена на добрите практики од кои Македонија ќе извлече искуства во процесот на усогласување со европските стандарди.
Во рамки на посетата беа одржани и повеќе технички состаноци на експертско ниво, на кои беа договорени идни конкретни чекори:
-продлабочување на соработката врз основа на потпишаниот Протокол за електронска размена на податоци преку системот SEED+, кој овозможува размена на информации за стока пред нејзино пристигнување на граница, со што се зголемува ефикасноста на контролите, спречувањето на измами и забрзувањето на легалната трговија;
-воспоставување директни контакт точки меѓу секторите за контрола и истраги на двете управи за размена на информации во реално време;
-разгледување и споредба на постапките за спроведување на царинските процедури, со цел нивно унапредување и олеснување на трговијата.
Директорката Вучиниќ ги нагласи заедничките цели на двете управи и потребата од меѓусебна поддршка во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и силната посветеност на реализација на стратешките приоритети за економски развој и интеграција на регионот.