Македонската и српската пошта разговараа за соработка преку „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski
265 прегледи

Делегацијата на Поштата на Северна Македонија, предводена од директорот Васко Стефанов, ја посети Поштата на Србија со цел натамошно зајакнување на соработката и поефикасно поврзување на граѓаните и економијата, соопшти денеска Поштата на Србија.

Раководствата на поштите на двете земји разговараа за можностите за подлабоко деловно поврзување што ги обезбедува иницијативата Отворен Балкан.

„Со директорот Стефанов договоривме понатамошни активности во претходно воспоставените области на соработка и инициравме проекти во кои Поштата Србија, како водечки поштенски оператор во регионот, треба да обезбеди професионална поддршка на колегите од Северна Македонија“, рекол вршителот на должноста директор на Поштата на Србија, Зоран Ѓорѓевиќ.

Тој посочил дека ова е особено важно бидејќи заедничките проекти претставуваат конкретизирање на иницијативата Отворен Балкан преку создавање технички и институционални можности за раст на пазарите и економските активности со цел поефикасно поврзување на граѓаните и деловните субјекти во регионот.

Во август 2021 година, Поштата на Србија и Поштата на Северна Македонија потпишаа Протокол за соработка, со кој се воспоставува рамка за развој на нови заеднички услуги, пред се во областите каде што Поштата на Србија веќе интензивно работи на дигитализација на услугите и развој на е-трговијата.

Слични содржини