Македонската книжевност за деца во фокусот на Филозофскиот факултет во Љубљана

Предавањето на Антоновски беше посветено на развојот на македонската книжевност за деца до почетокот на новиот милениум

од Vladimir Zorba
6 прегледи Фото: Иван Антоновски

Се зголемува интересот за проучување и исчитување на македонската книжевност за деца на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, каде што деновиве сѐ е во знакот на македонскиот јазик, книжевност и култура. Неполн месец по одбраната на докторската дисертација за заемното меѓукултурно посредување меѓу словенечката и македонската книжевност за деца од Бисерка Бобнар, под менторство на големата посветеничка на македонистиката, Намита Субиото, веќе вчера, за првпат се одржаа и гостински предавања во целост посветени на развојот на македонската книжевност за деца од нејзините почетоци во XIX век до денес. Предавањата ги одржаа истакнати посветеници и автори на книги за деца од Македонија – Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје и Ана Голејшка-Џикова. Настанот предизвика голем интерес со бројно присуство на младите словенечки слависти и македонисти, универзитетски професори, истражувачи и преведувачи, а дел од нив, настанот го следеа и онлајн. 

Предавањето на Антоновски беше посветено на развојот на македонската книжевност за деца до почетокот на новиот милениум. Преку него, дел од словенечката академска јавност за првпат се запозна со почетоците на македонската книжевност за деца – фолклорот, Џинот, Прличев, Цепенков, како и за остварувањата во периодот меѓу двете светски војни, со посебен акцент на творештвото на Брадина, Киров-Мајски и Вапцаров, како и објавата на „Абецедарот” во Атина пред сто години, а во целост и компаративно и културолошки беше претставен книжевниот контекст во овој период, со посебен акцент на развојот на свеста за потребата од одделна книга за деца во Македонија или на македонски јазик. Средишниот дел на предавањето беше посветен на македонската книжевност за деца по ослободувањето на Македонија и по кодификацијата на македонскиот јазик, при што беа презентирани најзначајните објави во периодиката, првите книги за деца и клучно – појавата и развојот на списанијата за деца во Македонија. Антоновски пред словенечките слависти и македонисти се осврна и на развојот на македонската книжевност за деца преку одделните жанрови, а одделно се анализираа спецификите на сите периоди на книжевниот развој до 2000 година, преку „клуч” за одделните генерации македонски автори за деца. Притоа, акцент беше ставен и на одделни канонски дела и автори на македонската книжевност за деца – од Јаневски, Николески, Куновски, преку Андреевски, Смаќоски, Подгорец, Николова, Донев, Тарапуза, Петревски, вклучително и влијанието на другите медиуми во осумдесеттите години… Предавањето ги опфати и состојбите во македонската книжевност за деца во првата деценија од македонската самостојност, кога се случи недостиг од нови автори што го прифаќаат предизвикот да пишуваат за најмладите.

Ана Голејшка-Џикова одржа предавање за книжевноста за деца во Македонија во периодот од 2010 до 2025 година, со оглед на интензитивниот развој на продукцијата во последните 15 години. Притоа, таа не само што ја анализираше промената на интересот на издавачите и авторите што доведе до новиот бран поетики и дела во македонската книжевност за деца, туку и комаративно се осврна на спецификите на новите автори и дела наспрема остварувањата во периодот на осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, како и на почетокот на 2000-тите. Посебен акцент беше ставен и на развојот и влогот во книжевноста за деца, особено од поновите македонски автори во периодот на ковид-пандемијата, а со тоа и на промената на дискурсот и наративот во комуникацијата на книжевниот текст со детето, како и на враќањето на некои изворни, примарни форми за детскиот развој. Голејшка-Џикова одделно се осврна на новите теми во македонската книжевност за деца, коишто претходно не биле обработувани од македонските автори, а сега се присутни преку книги од новиот бран автори, при што и одделно се задржа на дел од позначајните објави. Едновремено, таа ги презентираше и тенденциите и натаму во македонската книжевност за деца да бидат присутни т.н. „класични теми”, но со нов пристап и израз, при што посочи и конкретни римери од македонската книжевна продукција. На предавањето се говореше и за другите жанровски форми: епска поезија, басни, куси куси приказни за деца и фикционални романи. Голејшка-Џикова пред словенечките слависти и македонисти, говореше и за значајноста на влогот на илустраторите во поновата македонска книжевна продукција за деца, а во целост го делови и амбиентот во којшто се случува актуелната голема присутност на книгата за деца во македонскиот книжевен простор.

Студентите на Филозофскиот факултет во Љубњана имаа можност одделно, одблиску да се запознаат и со книгите за деца на Антоновски и Голејшка-Џикова.

Предавањата не само што поттикнаа дискусија, туку може да се очекува да бидат поттик и за натамошни словенечки истражувања на македонската книжевност за деца, но и нови книжевни преводи и објави на македонската книжевност за деца во Словенија. Пред три години, токму како резултат на работата на Катедрата за македонски јазик и книжевност на љубљанскиот Филозофски факултет, за првпат од 1991 година беше објавена книга со превод на македонска поезија за деца на словенечки јазик „Смешна случка во зоолошката градина” и во неа се објавени поетски текстови токму на дел од поновите автори што го поттикнаа и предизвикаа раздвижувањето на македонската книжевност за деца изминатава деценија. Вчера, по предавањата, во Словенија, веќе е разговарано и за продлабочување на соработката и нови проекти.

Вчера вечер пак, настанот „АД ХОК” во градската библиотека „Отон Жупанчич” во Љубљана беше посветен на поезијата на Ана Голејшка-Џикова, а денес активностите ќе продолжат во Македонскиот културен центар во Крањ, со централната манифестација „Прешерново оро” – проект којшто веќе 20 години го спроведуваат МКД „Св. Кирил и Методиј” од Крањ и Филозофскиот факултет во Љубљана, при што ќе се чествува и 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик.