Според последниот извештај на американскиот Стејт Департмент за инвестициската клима во С. Македонија за 2020 година, владата презела мерки за подобрување на инвестициската клима во земјата.
„Пандемијата со КОВИД-19 има длабоко влијание врз економијата на Северна Македонија и способноста да ги апсорбира странските инвестиции“, се вели во извештајот.
Министрите без портфолио кои претходно ја споделуваа одговорноста за привлекување странски директни инвестиции беа отпуштени и сега ова е координирано од канцеларијата на заменик министерот за економија, така што процесот е поедноставен. Во напорите да се справи со корупцијата, државната Комисија за спречување корупција започна голем број истраги поврзани со корупција, вклучувајќи и истраги поврзани со високи официјални лица.
„Вирусот веројатно ќе има обемни, иако моментално нејасни влијанија врз економијата во 2021 и потоа“, се вели во извештајот.
Притоа, се додава дека големите странски компании кои работат во технолошко -индустриски развојните зони (ТИРЗ) генерално пријавуваат позитивни искуства за инвестиции и одржуваат добри односи со владини претставници.
Пандемијата, според извештајот, остро го запрела растот на БДП, од зголемените 3.9 отсто во 2019 до налаување од 4.5 отсто во 2020 година, „иако во март Владата прогнозираше раст на БДП од 4.1 отсто“. Вирусот најверојатно, иако засега е непознато, како што пишува во извештајот може да има долготрајно влијание на економијата во текот на 2021 година и потоа.
Забелешки има и во делот за заштита на правата од интелектуална сопственост каде што се вели дека иако Северна Македонија чека датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, таа продолжува да ги усогласува своите закони и регулативи со стандардите на ЕУ, но треба да демонстрира соодветно спроведување на тие закони.
Најголемите забелешки сепак се однесуваат на делот посветен на корупцијата, каде што меѓу другото се вели дека Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници, како и дека не обезбедува посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагите за корупција.
Се наведува и дека Северна Македонија нема „едношалтерски систем“ и затоа инвеститорите се принудени да се насочуваат низ неколку бирократски институции за да ги реалзираат нивните инвестиции.