Со владиниот авион ќе се евакуираат македонските државјани кои се заглавени во Израел, а кои покажале интерес да се вратат во матичната земја. Ова денеска го истакна премиерот Христијан Мицкоски.
-Постојано сум во комуникација со министерот за надворешни работи, Муцунски. И во текот на вчерашниот ден, но и денеска разговаравме. Веќе се организира превоз за граѓаните кои што сакаат да го напуштат Израел и да дојдат во Македонија. Ќе биде ангажиран владиниот авион. Се прави напор за нивна евакуција до соседните држави – најверојатно тоа ќе биде соседен Египет, рече Мицкоски.
Премиерот информира дека досега се пријавени деветмина македонски државјани.
-Очекувам во текот на денешниот или утрешниот ден да почне таа евакуација, порача Мицкоски.
Вчера од МНР информираа дека вкупно 22 македонски државјани побарале асистенција за напуштање на територијата на Израел и враќање во земјава.