Врз основа на пријава на Вуковарско-Сремската полиција, хрватската Канцеларија за сузбивање корупција и висок криминал (УСКОК) покренала истрага против 31-годишен државјанин на Македонија, во чиј автомобил на граничниот премин со Србија, „Бајаково“ биле пронајдени речиси 3,5 килограми кокаин што го управувал од Холандија до Скопје.
Инспекторите се сомневаат дека од 2017 година,31-годишникот бил организатор и поврзал неколку непознати лица од Холандија и Македонија во злосторничко здружување за набавка, транспортирање и препродажба на големи количини кокаин.
„За да го спроведе горенаведениот план, пријавениот во Холандија во најмалку пет наврати земал најмалку три килограми кокаин. Набавената дрога ја превезувал до договорената дестинација во Скопје со лични возила кои претходно ги набавил за испорака до однапред договорени купувачи“, објави УСКОК, повикувајќи се на Хина.
Оттаму додаваат дека согласно договорот за понатамошен шверц на дрога во текот на ноември годинава во Хаг, презел три пакувања во кои имало околу 3,5 килограми кокаин.
Пакетите ги сокрил во багажникот на резервното тркало на изнајмениот автомобил и се упатил кон Македонија за да ја достави дрогата до крајните клиенти.
„Но, тој не успеал во таа намера бидејќи возилото во кое се наоѓал било сопрено на граничниот премин Бајаково на 21.11.2024 година, а при претресот била пронајдена дрога“, известуваат од УСКОК.
Од полицијата велат дека 31-годишниот осомничен е приведен и моментално се наоѓа во притвор.