Македонскиот државјанин, Стивен Ивановски е исчезнат по големиот пожар што избувна на новогодишната ноќ во ноќен клуб во швајцарското одморалиште Кран-Монтана. Швајцарските власти известуваат за голем број жртви и над сто повредени лица, кои се испратени на лекарска помош во разни болници во земјата.
Според информациите објавени од неговите блиски, Стивен во кобната ноќ бил облечен во бели панталони и бел дуксер.
„Апел за помош: Семејството упатува молба до сите кои можеби го виделе Стивен, или имаат информација дали бил примен во болниците во Женева или Цирих, веднаш да контактираат на следните телефонски броеви: 076 415 0868, 076 385 7165, 078 229 5745. Братучед ми е исчезнат во пожарот вчера во Швајцарија. Ако некој го има видено, нека нè контактира“, стои во апелот објавен на македонски јазик.
Швајцарските власти ја продолжуваат истрагата за причината за пожарот, додека потрагата по исчезнатите лица е сè уште во тек.
„Македонската амбасада во Берн е во постојана комуникација со надлежните институции во Швајцарија и до овој момент нема информации за загинати или повредени македонски државјанин во пожарот во Кран-Монтана“, соопштија од македонското МНР.