Државјанин на Македонија, С. К. (42), е прогласен за виновен и казнет со 920 евра во Црна Гора. Ова, како што потврди подгорички „Вијести“, е одлуката на Судот за прекршоци во Будва, одделение Улцињ.
„Вчера, три часа по полноќ на булеварот Теута во Улцињ, тој управувал автомобил со ниво на алкохол во крвта од 1,52 промили, што е утврдено со дрегер, со што сторил прекршок од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, пренесува „Вијести“.
Полицајците кои ја спровеле контролата утврдиле дека македонскиот државјанин немал важечка сообраќајна дозвола и со тоа сторил прекршок од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Врз основа на првиот прекршок, Судот изрекол парична казна од 800 евра, а врз основа на вториот прекршок, 120 евра.
На обвинетиот му е изречена и заштитна мерка забрана за управување со моторно возило од категорија „Б“ во траење од три месеци.