Македонски државјанин осуден за убиство во Швајцарија извршено пред 24 години!

од Nikola Popovski
431 прегледи

Повозрасен човек по потекло од Северна Македонија е осуден во швајцарскиот град Бил за убиство извршено пред 24 години, пишуваат швајцарските медиуми.

Тамошниот суд го осудил македонскиот државјанин (65) на 18 години и три месеци затвор за убиство и обид за убиство при грабеж во јуни 1999 година.

Швајцарските медиуми потсетуваат дека група од четворица мажи кобната вечер, пред 24 години, упаднале во куќата на едно семејство и им ставиле лисици на брачниот пар и нивниот син, кој тогаш имал 14 години. Двата постари сина на парот во тој момент не биле дома. Напаѓачите биле маскирани и вооружени, а еден од нив ги мачел врзаните родители и нивниот син.

Кога двајцата постари синови на двојката ненадејно се вратиле дома, напаѓачите испукале најмалку четири куршуми, при што едниот брат го убиле, а другиот тешко го раниле, по што побегнале.

Единствената ДНК трага која ја имала полицијата водела до осудениот. Инспекторите за осомничениот дознале случајно дури во 2015 година, кога пријавил кражба во неговиот киоск во Берн. Било анализирано дека неговата ДНК трага се совпаѓа со ДНК пронајдена на местото на злосторството во Бил.

Бруталното злосторство ја вознемирло цела Швајцарија и со години се сметало за нерешен криминален случај.

Осомничениот од самиот почеток негирал вмешаност во грабежот, а неговиот адвокат побарал ослободителна пресуда, тврдејќи дека ДНК анализата е сомнителна. Но, тамошното Јавно обвинителство сметало дека е докажана вмешаноста на мажот во грабежот и побарало затворска казна од 18 години.

Позадината на грабежот останува нејасна.

Слични содржини