Македонски концепт: Бугарија со непримерно поведение ја вмешува Македонија во изборната кампања

од Илинка Илиоска
54 прегледи

Бугарија со непримерно поведение ја вмешува Македонија во изборната кампања и внатрешни политички односи, со што дополнително го нарушува кредибилитетот на ЕУ во очите на македонските граѓани. Себично е од бугарските политичари, за потребите на изборната кампања, со цел себе си да се претстават како „заштитници на бугаризмот“, да ја вмешуваат Македонија во истата. Уверуваме дека со тоа губат гласови и не добиваат ништо, освен омраза кај Македонците, кои во огромен број одлучуваат кој ќе биде следна власт во Бугарија

Бугарските политичари отворено се залагаат за историски ревизионизам и негаторизам на историските факти, констатирани од европската историографија, особено за двете светски војни. Креирање на лажна историја и обид за нејзино наметнување преку цензура на слободата на говорот со кој им налага на македонските граѓани, новинари или политичари да коментираат по желба на Бугарија, не е решение на овој проблем, туку негово продлабочување. Говорот на омраза против нас Македонците и Македонија кој доаѓа од министри на бугарската влада е поведение без преседан, надвор од здравиот разум и спротивно на сите европски вредности. Тоа ги руши и постулатите на Преспанскиот договор, со што се нарушува безбедноста на Балканот, за што е потребна реакција од НАТО и САД.

Согласно Одлуките на Европскиот суд за човекови права и Комитетот на министри на Советот на Европа, сите оние личности и држави кои се служат со негирање или ревизија на јасно утврдените историски факти, ќе подлежат на санкции. Се криминализира историскиот ревизионизам во сите земји членки на ЕУ и тоа е казниво дело. Очекуваме ЕУ да отвари постапка против Бугарија како држава и да ја смести во редот на негаторите, пред очите на меѓународна јавност.

Убедени сме дека, прогресивниот патриотизам и промоцијата на македонските национални интереси е проевропско поведение и не може да биде толкуван како провокација или конфронтација со соседите. Неправилно е да се очекува од нас да ги промовираме бугарските позиции и потчинето да се однесуваме, бидејќи тоа создава лажно пријателство со Бугарија, лажна надеж и бегање од суштинско решение. Да потсетиме, Македонија е суверена, а не втора бугарска држава!

Потребни се потези со кои се решава, а не се одлага проблемот, од дневно политичка природа, со што се отежнува позицијата на ЕУ во евроинтеграциските процеси на Балкан. Самите Бугари знаат дека немаат никаква корист од т.н. решение „Бугари во Устав“ и дека тоа е спротивно на бугарските интереси. Потребно ни е поинакво решение, базирано на современиот концепт на граѓанските општества во Европа. Ако се фокусираме на перспективата на идните генерации, решение секако ќе има.

Центар за комуникации и анализи

Македонски концепт

Слични содржини