Македонски концепт реагира на легитимитетот на Владата на Ковачевски

од Radmila Tasevska
180 прегледи

Од Македонски концепт реагираат на легитимитетот на Владата на Ковачевски. Тие велат Владата на премиерот Ковачевски има само легалитет, но го нема побитното – легитимитетот!

Во продолжение соопштението на Македонски концепт:

„Правниот Тим на Македонски Концепт детално ја евалуира состојбата на постојани „влез – излез“ ситуации на коалиционите владини партнери. Констатира дека, без разлика кои се коалиционите партнери во Владата, тоа не го решава главниот проблем, а тоа е ЛЕГИТИМИТЕТОТ, којшто таа го нема!

Ковачевски не може да одговори на едно суштинско прашање: Колку гласови на граѓаните вреди?

Има разлика помеѓу легитимитет и легалитет! Легалитет значи дека власта е избрана, согласно важечките правила за избор, а додека пак легитимитет значи дека мнозинството граѓани се согласуваат со политиките на владата и истата ја поддржуваат. Легалитетот значи дека правните процедури се испочитувани, а легитимитетот се бара и потврдува на избори од страна на граѓаните!

Влада на премиерот Ковачевски има само легалитет, но го нема побитното – легитимитетот! Таа е поддржана од парламентарното мнозинство на легално избрани пратеници, но премиерот мора да биде поминат низ филтерот на избори – односно граѓаните мора да гласале за него. Уставниот модел на организација на власта кај нас е така поставен, да премиерот е клучната политичка фигура во владеењето и тој мора да го поседува легитимитетот – поддршката на граѓаните односно граѓаните да гласале за него. Во спротивно е нелегитимен!

Практично, во конкретниот случај, тоа значи: Граѓаните на последните избори гласале за Зоран Заев – но не и за Димитар Ковачевски! Ковачевски може да биде премиер само ако граѓаните на избори кажале, со мнозинство гласови, дека сакаат тој да им биде, во наредниот мандатен период, претседател на Влада.

Ова од причина што, носители на суверенитетот, според Уставот се граѓаните. Тие ги избираат своите претставници во Собранието како законодавна власт, но тежиштето на ефективната, а неформалната власт е Владата, а не Собранието. Премиерот е тој под чија палка е управувана оваа држава, па како носител на ефективната власт во Македонија, кој и ја составува Владата и чиј состав го предлага на Собранието, мора да ја има поддршката од граѓаните изразна во бројки низ избори за да политиките бидат легитимни – а не само лагални!

Македонија не е наследна монархија на династија Заеви, па тие да можат круната да му ја предадат на Ковачевски. Актуелната состојба ја суспендира фактичката и функционална демократија во земјава, односно имаме недемократска власт, без граѓанска поддршка. Со тоа и нејзините одлуки се нелегитимни и тешко се спроведуваат во пракса. Решение се брзи и демократски избори на кои ќе се избере легитимна власт“, стои во соопштението на Македонски Концепт.

Слични содржини