Македонски Концепт со остра осуда за иницијативата на Касами за преименување на улиците во Тетово

од Nikola Popovski
191 прегледи

Македонски Концепт изразува најостра осуда за иницијативата на Општина Тетово за преименување на веќе постоечки улици, особено во однос на можноста за доделување имиња на личности поврзани со фашистичкиот период или со конфликтот од 2001 година. Порачуваат дека овој обид за историски ревизионизам е неприфатлив и претставува директен атак врз антифашистичките вредности, кои се темел на македонската државност.

-Враќањето на балистичката идеологија е антиЕУ чин што мора да биде санкциониран. Ширењето на неофашистички и етнички шовинистички наративи во албанската заедница во Македонија ја оддалечува земјата од европските вредности, додека поттикнувањето на верски исламистички радикализам носи трајна нестабилност и ја враќа Македонија векови наназад, велат од МК.

Според партијата, иницијативата на Касами со право предизвика вознемиреност кај граѓаните, особено кај македонската етничка заедница, која стравува дека новите имиња ќе значат бришење на споменот за партизаните и борците против фашизмот.

-Категорично се спротивставуваме на какви било промени што би значеле елиминирање на имињата на улици што носат спомен на антифашистичката коалиција. Исто така, сметаме дека е целосно неприфатливо и спротивно на Уставот да се размислува за именување улици и јавни површини со имиња на фашисти и балисти, бидејќи нивната улога во историјата е јасно утврдена.

Градоначалникот Касами треба да знае дека имињата на улиците имаат своја историска и културна основа. Особено, улицата „Кавказка” е именувана како знак на почит кон Албанците и нивното древно потекло од Кавказка Албанија. Обидот да се оспори овој историски факт е длабока навреда за нашите сограѓани Албанци и истото не му го препорачуваме. Отворањето на овие теми не е чекор кон иднината, туку поттикнување на стари рани од минатото.

Ги повикуваме сите надлежни органи и институции да постапуваат со највисока одговорност и почит кон историјата и жртвите што се бореле за слободата и независноста на Македонија. Историјата не смее да биде предмет на политички манипулации или ревизии што ќе предизвикаат поделби и тензии меѓу граѓаните.

Бараме од градоначалникот Касами итно да го прекине овој процес и да обезбеди дека сите одлуки ќе бидат донесени транспарентно, со вклучување на сите засегнати страни и со почит кон историските факти и вредности.

Македонски Концепт останува посветен на зачувување на историското наследство, европските вредности и владеењето на правото, стои во соопштението на партијата на Петар Богојески.

Касами пред два дена на брифинг одговори на писмото од Сојузот на борци кои му испратија порака да не се менуваат имињата на улиците во Тетово, поврзани со народното антифашистичко минато. Касами истакнал дека станувало збор за минат период и систем, а имињата на улиците ќе рефлектираат нов демократски концепт.

„Не можеме да бидеме заложници на одредено време. Македонија до 1990-тите беше под Југославија и имаше комунистички систем, монистички систем каде што имавме други херои кои ги почитувавме. Сега сме во демократска држава и сега имаме нов концепт со кој создаваме институции и ја градиме државата. Ова е демократски европски концепт и, се разбира, тоа ќе се одрази и на имињата на улиците во градот Тетово. Ова не е против ниту една етничка група во градот, туку е во интерес на сите етнички групи и треба да ја одрази реалноста, сегашноста и она што сакаме да го изградиме во иднина“, рекол Касами.

Тој додал дека некои имиња ќе останат, додека иницијативата е првично да се регистрираат улиците, а потоа да се именуваат. Формирана е Комисија која ќе го спроведе овој процес на именување на улиците, а граѓаните ќе можат да учествуваат со предлози. Според Касами, во оваа комисија членуваат претставници од сите советодавни групи и надворешни експерти.

Слични содржини