СДУ – Македонски концепт во текот на вчерашниот ден поднесе тужба до Управниот суд на Република Македонија против решението на Државна изборна комисија да се дозволи увид и пребројување на гласачките ливчиња, соопштија од партијата.
„Со тужбата се бара да се поништи решението на Државната изборна комисија УП1 10-86 од 20.07.2020 со што ќе му се дозволи на СДУ – Македонски концепт да изврши увид на вкупниот број гласови дадени на предвремените парламентарни избори и евидентирање на гласовите дадени за Македонски концепт“, велат од партијата.
Од Македонски концепт истакнуваат дека овие предвремени парламентарни избори се сè само не фер и транспарентни.
“Ние од Македонски концепт не ги прифаќаме изборните резултати и сметаме дека се неверодостојни и нелегитимни. Ова што го видовме како изборно сценарио на 15 јули е груб фалсификат и рушење на сите демократски принципи врз кои треба да се темели една слободна, фер и демократска држава. Македонски концепт за ова ја информира целата домашна и меѓународна јавност”, вели Петар Богојески, промоторот на Македонски концепт.