Македонски Телеком годинава планира да исплати дивиденда во бруто износ од 2,262 милијарди денари (36,7 милиони евра) што е еднаков износ на остварената нето добивка на компанијата за 2014 година.

Како што соопшти компанијата, предлогот е доставен на усвојување на Собранието на акционери што ќе се одржи на 15 април, а исплатата на дивиденда за 2014 година е планирано да се изврши од 18 до 29 мај.
Бруто износот на дивиденда по акција, според предлог одлуката, е 26,23 денари.
Најголем акционер во компанијата е Дојче Телеком, кој поседува 56 отсто од акциите, Владата поседува 36,68 отсто акциите, додека малцинските акционери имаат само 2,57 отсто хартии од вредност.
Компанијата за 2013 година исплати дивиденда од 44,1 милион евра од кои на Владата и беа инкасирани 35,5 милиони евра.
Првите години по продажбата на Телекомот на Маѓар телеком, од 2001 до 2003 година, Владата добиваше дивиденда од 18,5 милиони евра. Во 2004 година дивидендата скокна на 44,8 милиони евра, а во 2005 година и на околу 48 милиони евра. По 2007 година новите сопственици на Телекомот одлучија да ја намалат дивидендата, па за 2010 година износот беше намален на 39 милиони евра, за 2011 година 38,7 милиони евра, а за 2012 година 35,5 милиони евра./извор +Инфо