Тешка сообраќјна несреќа се случила утринава во 09:30 часот на автопатот меѓу градовите Асколи Пичено и Анкона во Италија во која учествувал автобус на туристичка агенција од Македонија, информираше Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија повикувајќи се на информации од Амбасадата во Рим.
На местото на несреќата починал возачот на автобусот, Р. И. (1965 година) државјанин на Северна Македонија, додека полесно повредени се 12 патници, исто така македонски државјани.
Според италијанските медиуми, сообраќајката се претворила во вистински огнен пекол зашто автобусот учествувал во верижен судар во тунелот „Винчи“ во Купра Маритима, со уште две тешки товарни возила, меѓу кои и едното со алкохолни пијалоци кое изгорело во пламенот.
Според првите достапни информации, станува збор за верижен судир на два камиони и автобус. Еден од камионите, кој превезувал стакло, бил удрен од автобусот откако застанал на коловозната лента поради застој во сообраќајот, а веднаш потоа во задниот дел на автобудот удрил камион со германски регистерски таблички кој превезувал пиво.
Веднаш по удрот, вториот камион се запалил, а пламенот брзо се проширил поради истечениот алкохол од камионот и стигнал до автобусот, во кој возачот останал заглавен.
Според медиумските извештаи, двајца од повредените се во потешка состојба.
Еден од повредените е префрлен со авионска брза помош во регионалната болница во Торете ди Анкона, уште еден бил пренесен во регионалниот Центар за траума, двајца се во Мури ди Фермо и седум во Сан Бенедето дел Тронто.
Министерството преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот.
(Е.Б.)