Македонскиот филм „Врба“ ќе се најде пред американската публика

408 прегледи

„Врба“ на Милчо Манчевски, кој е македонски кандидат за Оскар за 2021-ва, ќе се прикажува во кината, на телевизии и на стриминг-платформите низ САД. Дистрибутер е „Кино Лорбер“, еден од најреномираните на уметнички филмови во САД. „Врба“ пред американската публика ќе се прикажува во текот на оваа година и ќе продолжи во 2022 и 2023.

Како што информира продукцијата, сопственикот на „Кино Лорбер“, Ричард Лорбер, го нарекол „Врба“ „моќно и најоригинално дело на маестро Манчевски, достојно за награди – трогателен, брилијантно одглумен и визуелно фрапантен поглед врз мајчинството. Не можеме да дочекаме да го споделиме ова длабоко дело со американската публика“.

„Кино Лорбер“ постои од 1977 година, а во големата библиотека од над 4000 нивни филмови се цела низа стари и нови добитници на Оскар и номинирани филмови и филмови на познати автори, како Тарковски, Орсон Велс, Жан-Лик Годар, Хол Ешби… Во последните девет години имаат добиено дури седум номинации за Оскар.

– Во редовна кинодистрибуција во САД се прикажуваат релативно мал број странски филмови. Единствени македонски филмови прикажани на редовниот репертоар во Америка се претходните филмови на Милчо Манчевски – „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“ и „Бикини Мун“, како и филмот „Медена земја“. Во престојниот период пред номинациите за Оскар, „Врба“ го продолжува фестивалскиот поход, а ќе има и специјални проекции во угледни предоскаровски настани во Њујорк и Лос Анџелес и Калифорнија, соопшти продукцијата.

Исто така, „Врба“ ќе се прикажува и на најреномираниот телевизиски канал за филмови, Ејч-Би-О (НВО), каде пред европската публика ќе се емитува повеќе пати во текот на 2021 и 2022 година.

Минатиот месец, „Врба“ имаше и онлајн-премиера во Унгарија, каде повторно доби извонредни критики. Во текот на 2021 година со унгарскиот дистрибутер „Будапешт филм“ ќе биде организирана и кинопремиерата во Унгарија, а подоцна и стриминг и телевизиско прикажување.

Во текот на 2021 се предвидени кинопремиери на „Врба“ во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и во Велика Британија.

Share

Слични содржини