Македонскиот пасош е 36-ти најмоќен во светот за 2023

од Nikola Popovski
193 прегледи

Интернет-страницата „Passport Index“ ги рангира пасошите на 96 земји ширум светот, според листа на која македонскиот пасош е на 36-то место, заедно со Самоа и Тувалу, чии граѓани без виза можат да патуваат во 130 земји.

Обединетите Арапски Емирати се на прво место во 2023 година, додека второто место на листата го делат дури пет земји. Меѓу земјите од нашиот регион најдобро пласирана земја е Словенија, чиј пасош е на одличното седмо место, пренесува „ТУ Магазин“.

Сопствениците на пасоши од ОАЕ можат да патуваат без визи во дури 180 земји низ светот. Годинава од првото место ги „симнаа“ долгогодишните шампиони Јапонија и Сингапур. На второ место се пет земји и тоа Германија, Шпанија, Франција, Италија и Холандија.

Од земјите во регионот, хрватскиот пасош е на осмото место, Србија на 32. како земји чии граѓани можат без виза да патуваат во 137 земји, Црна Гора на 37. место, а Босна и Херцеговина е на 44 место.

„Passport Index“ ја опишува Велика Британија како еден од „губитниците“ во 2023 година. Иако Обединетото Кралство бележи пораст на својот глобален резултат за мобилност, овој нагорен тренд е забавен од борбата на земјата по Брегзит за постигнување визни договори со земјите-членки на ЕУ. Сепак, Велика Британија сè уште има безвизен пристап до 175 земји.

На самото дно е Авганистан, чии граѓани можат да патуваат во само 39 земји во светот без претходно издавање виза. Покрај Авганистан, на дното се Сирија, Пакистан, Сомалија, Јемен, Ирак и Бангладеш.

Слични содржини