Македонските пливачи меѓу светската пливачка елита

од Vladimir Zorba
418 прегледи

17 годишниот Андреј Стојановски од ПК “Нептун” и 16 годишната Миа Блажевска Еминова од ПВК “Орион”, под водство на тренерот Илија Стојановски, веќе го направија првиот тренинг во Дуна Арената во Будимпешта Унгарија, каде се одржува 19-от ФИНА натпревар на најдобрите пливачи во светот.

Во исклучително силна конкуренција , меѓу пливачките ѕвезди Келеб Дресел, Арно Каминга, Чад Ле Клос, Манаду и други, Андреј Стојановски својот премиерен настап во рамки на квалификациите на Светското пливачко првенство ќе го има на 22 и 24 јуни и тоа во дисциплините 50 метри грбно и 200 метри градно, а Блажевска Еминова својот прв квалификационен настап ќе го има утре во дисциплината 100 метри грбно, а потоа и во дисциплината 50 метри грбно на 21 јуни.

На Стојановски и Блажевска Еминова подоцна ќе им се приклучи и нашиот најдобар пливач на отворени води, Евгениј Поп Ацев кој на 30 јуни ќе ги одмери силите на 25 километри.

Последното издание на Светското сениорско првенство во пливање се одржа во 2019 година а потоа заради пандемијата со КОВИД- 19 и одложувањето на Летните олимписки игри, истото беше одложено за оваа година.

По настапот во Будимпешта, Андреј и Миа продолжуваат на следни пливачки натпревари, а тоа се Медитеранските игри во Оран Алжир и Европското младинско првенство во Букурешт, Романија како и државното првенство што ќе се одржи во Охрид на 16 и 17 јули.

Слични содржини