Продуктивноста не е пречка, туку само изговор да не се зголемат платите на работниците во Македонија. Продуктивноста на македонските работници навистина е пониска од просекот во ЕУ, но и нивните плати се далеку зад европските. Истражувањата покажуваат дека двајца работници во Македонија треба да работат за да ја достигнат продуктивноста на еден европски работник, односно продуктивноста на еден работник е околу 53 отсто од просекот во ЕУ. Од друга страна, пак просечната плата во Македонија е само 33 отсто од просекот во ЕУ, што значи дека нашите работници произведуваат многу повеќе отколку што се платени. И за платата да се изедначи со продуктивноста, таа треба да порасне за околу 60 отсто од сегашното ниво.
-Тезата што ја пласираше бизнис заедницата дека растот на платите треба да го следи растот на продуктивноста која потоа ја прифати и Владата е или свесно искривување на фактите, или елементарно непознавање на економските законитости. Да, платите кои работниците ги добиваат треба да бидат одраз на нивната продуктивност, односно на она што тие го создаваат. Тоа е основно економско правило, но и проста човечност. Ама она што бизнис заедницата и Владата не го кажуваат е дека продуктивноста на работниците во Македонија далеку ја надминува нивната плата. Она што бизнис заедницата го заговара – растот на платите да биде еднаков на растот на продуктивноста е нешто друго. Тоа всушност би го задржало моменталниот сооднос плати -продуктивност, кој е неповолен за работниците. Тоа би спречило платите на работниците да се изедначат со нивната продуктивност. Тој предлог има смисла само во ситуација кога платите веќе се еднакви на продуктивноста, но кога не се, како што е во Македонија, тој им оди во прилог само на газдите, затоа што ги штити нивните високи профити, изјави за „Локално“, Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за меѓународни економски студии.
Според него, бизнис заедницата ја наметнува оваа теза, бидејќи си ги штитат нивните профити, но ако Владата сака да покаже дека не им седи во скут, мора да преземе мерки за покачување на платите.
Економскиот експерт и универзитетски професор, Синиша Наумоски смета дека во Македонија продуктивноста е навистина пониска од европскиот просек, но оти растот на платите не е одраз на продуктивноста, туку на политички и синдикални притисоци.
– Просечната продуктивност на трудот мерена како БДП по вработен е приближно 3–4 пати пониска од просекот на ЕУ. Во индустрии како ИКТ и финансиите, продуктивноста е блиска до европските стандарди, но во традиционалните сектори текстил, земјоделство, трговија останува ниска. Платите растат бавно, но често повеќе се одраз на политички и синдикални притисоци, отколку на вистински раст на продуктивноста. Германското искуство покажува дека продуктивноста и платите мора да растат паралелно, додека кај нас работниците се заглавени во маѓепсан круг: ниски плати – емиграција – недостиг на кадар – ниска продуктивност. Затоа потребни се инвестиции и фер поделба на добивките, за да работниците не бидат вечно на чекалната за подобар стандард, вели Наумоски.
Србија, Бугарија и Албанија имаат сличен проблем како Македонија продуктивноста е ниска, а платите уште пониски во однос на ЕУ. Бугарија, иако е членка на ЕУ и понатаму има една од најниските плати, но во последнава деценија бележи значаен раст благодарение на индустриски инвестиции. Србија инвестира во автомобилска индустрија и ИТ-сектор, со што ја подобрува продуктивноста, но платите сè уште заостануваат.
-Продуктивноста е комплексна форма во производството и таа зависи од многу фактори, од организационата поставеност, од технолошка опременост, од нивната стручност во дејноста каде работат …. Ако машинскиот парк технолошки е застарен работникот неможе да биде продуктивен, односно колку и да сака да изработи повеќе не може. Така на пример во пекара ако организационо подготовката за леб е беспрекорна лентата за печење произведува да речеме 5.000 леба продуктивноста е толку, ако сакате повеќе ќе треба да ја зголемите брзината на лентата но ќе добиете не допечен леб. Парадоксално е да се обвинуваат работниците дека се не продуктивни, а цело време да растат профитите на компаниите, смета Љупчо Радевски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Сепак праксата покажа дека нашите работници кои работат во регионот и во Европа се продуктивни, бидејќи земаат далеку повисоки плати. Значи потребно е прво да се зголат платите, а потоа да се бара продуктивност.
Б.С.