Македонските репрезентативци не заслужуваат вакво понижување, порача Зајкова откако албанскиот фудбалер Бајрами доби мурал на ѕид на тетовско училиште

од Nikola Popovski
27 прегледи

Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова реагираше на вчерашното откривање на мурал со ликот на Недим Бајрами, играчот од средниот ред на албанската репрезентација, на ѕидот на училиште во Тетово. Обвинува дека на овој начин, се понижуваат македонските фудбалски репрезентативци. Ваквиот потег кој беше остварен со помош на Општина Тетово и градоначалникот Биљал Касами, го нарече „дно“.

„Со должна почит кон фудбалската репрезентација и репрезентативци на Албанија, но јас лично очекував дека македонски репрезентативец како Висар, како Енес, како Џани, Елиф, Хасани итн. ќе добие мурал. Ама не ние во Македонија туѓото го воздигнуваме и фалиме повеќе од нашето.

Ај па може во Албанија ќе блесне мурал на македонски репрезентативец заради „реципроцитет“. Да не зборувам па за тоа колку закони беа прекршени на вчерашниот настан по повод отворање на муралов од страна на градоначалникот на општина Тетово. Македонските фудбалски репрезентативци не заслужуваат вакво понижување. Дно“, објави Зајкова.

Муралот се наоѓа на ѕидот на спортската сала во средното училиште „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово. Таткото на Бајрами по потекло е од Тетово, а мајка му е од Гостивар.

Овој гест, како што велат од општина Тетово, доаѓа како почит кон неговиот историски настап на ЕУРО 2024, каде што Бајрами го постигна најбрзиот гол во историјата на европските првенства, против Италија по само 23 секунди. Бајрами моментално настапува за шкотски Глазгов Ренџерс.

Слични содржини