Рекордна премија од вкупно 4,2 милиони евра ќе добијат играчите и стручниот штаб на македонската фудбалска репрезентација за пласманот на Европското првенство (ЕП), соопшти попладнево ФФМ.
За освоеното прво место во Д-групата од Лигата на нации и пласманот на завршницата на ЕП што ќе се игра идното лето, македонските репрезентативци и стручниот штаб веќе поделија награда од близу еден милион евра.
– Со денешната одлука на Управниот одбор, до крајот од годината, Федерацијата ќе им исплати сума од три милиони и двесте илјади евра за обезбеденото место на македонската репрезентација на Европското првенство, се наведува во соопштението на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини истакна дека „македонската репрезентација ја обедини целата држава и ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето“.
„Капитенот Пандев и сите репрезентативци апсолутно ја заслужуваат паричната награда. Во сите тие моменти на патот до пласманот на Европското првенство, кога фудбалерите играа и се бореа за нашата фудбалска историја, никогаш не се размислуваше за пари. Но, сега е моментот, Управниот одбор да го цени успехот и да се обидеме и на овој начин да дадеме признание и да влијаеме позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Знам дека времињата се тешки, но Фудбалската федерација ќе продолжи да работи и горди сме на сè што заработивме и сè што плативме. На капитенот Пандев и соиграчите им посакувам многу среќа во новиот квалификациски циклус и повторно да ја одведат Македонија на големо натпреварување, изјави Сејдини.