Македонските текстилни фабрики не се доволно атрактивни ниту за непалските работници

од Vladimir Zorba
476 прегледи

Обидот да се пополнат испразнетите работни места во македонската текстилна индустрија со работници од Непал и Бангладеш не ги даде очекуваните резултати, или барем не до овој момент.

Иако со платени авионски карти и обезбедено сместување, зад машините остануваат не подолго од периодот кој им е потребен за да продолжат понатаму.

Љупчо Радовски

Љупчо Радовски

Се надевавме на увезените работници, но Македонија за нив е само транзитна држава  од која потоа заминуваат  во западно- европските земји. За нив сме отскочна даска што и се потврди во пракса бидејќи работеа по недела дена,  месец- два, се до лоцирањето на канал за да преминат за Европа“, изјави за Локално, претседателотот на Синдикатот на текстил, кожа и чевли- Љупчо Радовски.

Од друга страна,  за работодавачите секое повлекување е рамно на пораз. Според претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи- Ангел Димитров, процесот на увоз на работна сила не смее да запре бидејќи не постои друг начин да се пополни недостигот на работна сила.

Оттука, посочува дека без разлика на проблемите и понатаму треба да  се либерализира пазарот на работна сила и да се намалуваат бирократските процедури.

Ангел Димитров

Ангел Димитров

Во текстилната индустрија, во неколку фабрики веќе работат десетици странски работници, најмногу од Непал и Бангладеж. Тешко се вклопуваат во нашиот начин на живот и некои од нив само го чекаат моментот кога ке заминат од земјата кон европските развиени држави’’, вели за Локално, Димитров.

Дополнува дека една од причините за  малиот број на странски работници е и  фактот што нашата текстилна индустрија, особено производството на облека се соочува  и со проблем на намалена побарувачка,  во прв ред од  Германија која е најголем купувач. Нарачките се засега сигурни само за следните четири месеци.

До Нова Година  имаме доволно нарачки и се надевам дека од јануари ќе се вратат на нашиот пазар, бидејќи е поблиску, поевтин е транспортот и се надевам дека ќе има работа за нашиот текстилен сектор. Треба одредени субвенции за да живее индустријата и затоа треба да се запраша Владата дали на секторот кој вработува 8-9 % во вкупниот број вработени во стопанството и работи мануелно, треба да му се олеснат некои работи“, алармираат во Синдикатот на текстил, кожа и чевли.

Засега, олеснувањата не се ни наѕираат. Ниските плати кои во просек се движат во износ од околу 26.000 денари и макотрпната работа драстично го намали бројот на вработени во овој сектор, односно ако до пред три години имаше  47.000 вработени во текстилната, кожарската и чевларска индустрија, сега тој број е околу 33 000. И покрај можноста од секаков вид правна помош, голем дел од нив не се синдикално организирани поради отворени закани од страна на газдите.Ваквите притисоци, според синдикатот се најизразени во фабриките во индустриските зони.

Дополнителен проблем вели Радовски, е и фактот дека македонската текстилна индустрија останува лон ориентирана. Оттука, тој ја посочува потребата од преструктурирање, односно  наместо само лон производство, враќање на комбинираното. Како аргумент во прилог на ваквата теза, го наведува принципот на работа во минатото кој бил исклучително успешен бидејќи , како што вели,  „тогаш  вие ја диктирате цената, продавате модел, дизајн, креатор“.

Во моментов, работите во нашата текстилна индустрија се далеку од розови. Лон производството се врати во нашата држава откако  се зголемија платите во Кина, Малезија и Индокина, но како пречка се наметна неможноста да се одговори на нарачките од поголем обем. Како особено актуелен во последно време се наметна Тунис чии фабрики испорачуваат евтини производи, а можат и  да излезат во пресрет на големите нарачки кои стигаат од Европа и САД.

К.В.С.

Слични содржини