Македонско – француски разговори за одбраната: „Потребно е постојано да вложуваме и да се подобруваме“

од Stefanija Kuzmanovska
316 прегледи

Денеска во ЕУ инфо центарот се одржаа „Македонско – француски разговори за одбраната” меѓу министерката Петровска, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и студенти кои ги следат одбранбените прашања.

На панелот беше објаснет развојот на македонско-француската одбранбена соработка, набавката на системот за противвоздушна одбрана од Франција, како и европерспективата на Република Северна Македонија.

Три настани ја одбележаа нагорната линија на одбранбената соработка меѓу двете држави – потпишувањето на Договорот за соработка во одбраната во октомври во Париз, воспоставувањето на Стратешкото партнерство во областа на одбраната и потпишувањето на Договорот за набавка на систем за противвоздушна одбрана.

„За да бидеме успешни, за да бидеме рамо до рамо со сите останати земји кои се долго време членки на Алијансата, потребно е постојано да вложуваме, да инвестираме и постојано да се подобруваме – овој договор е еден од механизмите како тоа ќе го постигнеме”, истакна Петровска.

Во контекст на одбранбената соработка, амбасадорот Бомгартнер, истакна дека договорот ќе овозможи оперативна соработка, соработка на стратешки план, како и размена на офицери, воени кадри и посета на терен, како и стратешки консултации.

Амбасадорот ја поздрави и одлуката за испраќање на двата вода во Бугарија и Романија, како дел од зајакнувањето на НАТО одвраќањето на источниот блок. „Тоа покажува дека Северна Македонија полека си го зазема целото заслужено место во рамки на Алијансата. Среќен сум што во тие рамки, француската армија и македонската армија се рамо до рамо, затоа што во Романија, Франција е рамковната нација за распоредување на тие единици во рамки на НАТО, потенцираше Бомгартнер.

Во однос на набавката на системот за противвоздушна одбрана, министерката Петровска истакна дека Министерството за одбрана и Армијата имаат уставна обврска да ја гарантираат безбедноста на државата и територијалниот интегритет.

„За конкретниот случај за набавката на ПВО, тој се набавува за потребите на националната одбрана, но се разбира се набавува и за потребите и на колективниот систем на одбрана. Овој систем кој беше разгледуван меѓу повеќе системи кои се произведуваат од ваков вид во светот, се покажа дека е еден од најдобрите, најуспешните и со најдобри перформанси. Одлуката ја донесоа експертите од Армијата кои имаат многу поголемо искуство од мене или од било кој во оваа држава во оваа проблематика, а на тоа претходеше цел еден сериозен процес на испитување на ваквиот тип на опрема на светскиот пазар “, потенцираше Петровска.

На настанот учествуваа и студентите од Факултетот за безбедност, Северноатлантскиот совет на Северна Македонија и младите франкофони во земјава, кои поставуваа прашања до министерката и амбасадорот врзани со развојот на одбранбената соработка.

На прашање од студентите врзано со евроинтеграцијата на Северна Македонија, амбасадорот Бомгартнер истакна дека „земјата се наоѓа на патот на европската интеграција, понекогаш имало забавувања, но тој пат сега е навистина потврден”.

„Забележуваме дека сега можеби има неизвесност во општеството во однос на европската иднина. Но јас лично немам никаков сомнеж и ќе ви кажам дека Европската Унија генерално се подготвува да ве интегрира, но и ви го велам тоа за да ве охрабрам, но и да ве направам поодговорни”, потенцираше францускиот амбасадор Бомгартнер.

Слични содржини