Македонското органско земјоделство далеку под просекот на ЕУ

од Vladimir Zorba

Последна во Европа е земјава според статистиките за органско земјоделство во 2018 година, покажува Евростат. Обработените податоци за 100-процентното органско земјиште, вклучувајќи пасишта и ливади, укажуваат дека македонското органско земјоделство со само 0,35 отсто од вкупното земјоделско производство е далеку под просекот на ЕУ кој изнесува 7,5 проценти.

Во 2013 година сме имале 0,82 отсто органско земјоделство, а во ЕУ просекот бил 5,7 проценти. И додека во Европската унија органското производство бележи контиуниран раст, кај нас е евидентирано намалување. Во 2014 година биле регистрирани 0,79 отсто, во 2015 година 0,17 отсто, во 2016 година 0,26 отсто и во 2017 година 0,25 проценти.

Интересно е да се нагласи дека само за земјава (како и за Малта) во анализираните површини пасиштата воопшто не се вклучени. „Се брои“ единствено обработливото и земјиштето под повеќегодишни култури, иако според Министерството за земјоделство имаме 550.000 хектари пасишта.

На „табелата“ нема и податоци колку површини од 2012 до 2018 година сме конвертирале или се во фаза на трансформација од конвенционално во органско производство.

На ниво на ЕУ, пасиштата учествуваат со околу 45 проценти од вкупното органско земјиште.

Раст од 1.000 хектари за пет години

Од истражувањето на Евростат може да се види дека за одгледување органска храна во 2018 година сме намениле 4.408 хектари, додека во 2013 година 10.370 хектари. Најмалку органско земјоделско земјиште сме имале во 2015 година, само 0,17 проценти. Само за споредба, Србија, која во 2013 година имала 8.229 хектари, 2018-та ја заокружила со 19.255 хектари. Бугарија, пак, од 56.287 хектари во 2013 година стигнала до 128.839 хектари во 2018 година.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), пак, под органско производство во 2018 година биле 3.856 хектари, што е раст од 1.000 хектари во однос на 2013 година, кога површините биле 2.866. Од вкупните површини под органско производство во 2018 година, 1.134 хектари биле фуражни култури, 1.078 хектари житни, 899 хектари индустриски, 526 хектари овошки, 219 хектари зеленчук и 110 хектари лозови насади.

Растот на органското производство најмногу се должи на индустриските култури, кои бележат зголемување од 131 хектар во 2013 година на 899 хектари во 2018 година.

Раст има и кај зеленчукот, фуражните култури и овошките.

Најголем пад, од една третина, има кај житните култури, кои во 2013-та биле застапени на 1.556 хектари, додека во 2018-та се одгледувале на 1.078 хектари. Освен кај јачменот, каде што има намалување на површините од околу 100 хектари, кај останатите култури намалувањата се подрастични. Пченицата бележи најголем пад, со преполовени површини под органско производство, од 465 хектари во 2013 година на 199 во 2018-та. И пченката е намалена, иако низ годините постојано покажува варијации. Драстичен пад е евидентиран кај ‘ржта, која во 2013 година била застапена на 31,5 хектари, а во 2018-та на 9,8.

За свињи, живина и зајаци нема податок.

Состојби во ЕУ

Вкупната земјоделска површина на која се одгледуваат органски растенија во Европската Унија била 13,4 милиони хектари во 2018 година или 7,5 проценти од вкупното обработливо земјиште, покажува Евростат. Ова претставува раст од 34 проценти во периодот од 2012 до 2018 година.

Меѓу земјите членки во ЕУ најмногу органско земјоделско земјиште има Австрија, 24 проценти, по што следуваат Естонија со 20,6 проценти, Шведска со 20,3, Италија со 15,2 и Чешка со 14,8 отсто.

Најмал процент органско земјоделско земјиште имаат Малта, 0,4 проценти, Романија, 2,4 проценти, како и Бугарија, Ирска и Велика Британија со по 2,6 отсто.

Во регионот најмногу органско земјоделско земјиште имала Словенија со удел од 10,01 проценти во вкупното земјоделско земјиште. Следна е Грција со 9,32 отсто, па Хрватска со 6,94 проценти, Бугарија со 2,56 проценти и Србија со 0,55 проценти.

Во вкупно земјоделско земјиште за органско производство според Евростат спаѓаат „земјиште во процес на приспособување“ и „земјиште со сертификат“. Пред едно земјоделско земјиште да добие сертификат за „органско“ мора да помине процес на „приспособување“, што може да трае од две до три години зависно од културата што се одгледува.

Слични содржини