Македонците најскромни во регионот: Еве колку плата очекуваат

од Vladimir Zorba

Македонците се најскромни во регионот кога станува збор за нивните очекувања за месечната плата. Тие очекуваат заработка од 524 евра, а највисоки очекувања од земјите во регионот имаат Хрватите со 1.100 евра во просек, потоа следат жителите на Босна и Херцеговина со 809 евра, додека Србите очекуваат месечна плата од 606 евра, пренесе „БизнисИнфо“.

Ова го покажува истражувањето што сајтот за вработување Poslovi Infostud, го направи во текот на Регионалниот саем за вработување. Кон истражувањето се приклучиле и сајтовите за вработување од регионот: MojPosao.ba, Vrabotuvanje.com.mk, MojPosao.hr и Deloglasnik.si. Целта на истражувањето е да се утврди состојбата на регионалниот пазар на труд. Во истражувањето учествувале повеќе од 5.000 испитаници.

Без оглед на земјата од каде доаѓаат, на сите испитаници на прво место им се добрите меѓучовечки односи. Испитаниците од Хрватска во нешто поголема мерка го истакнуваат овој фактор, за разлика од другите земји. Висината на заработката им е нешто поважна на испитаниците од Србија и Македонија, за разлика од испитаниците од Босна и Херцеговина и Хрватска, кои посебно ја ценат можноста за учење и напредок.

Нема некои поголеми разлики меѓу мажите и жените околу тоа што е пресудно кога го избираат работодавачот. Кај жените преовладуваат добрите меѓучовечки односи, а кај мажите висината на платата. Работното време и сигурноста што ја носи работата им се поважни на жените одошто на мажите.

Слични содржини