Значителен раст во бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции е забележан во земјава од почетокот на панемијата, при што најзабележителен е кај трансакциите реализини со платежни картички кон домашни е-трговци.
Од Асоцијацијата за електронска трговија информариаат дека согласно последните објавени податоци за платежна статистика од Народната Банка, вредноста на реализирани онлајн трансакции кон домашни интернет продажни места во 2020 споредено со 2019 година бележи раст од 135 отсто. Во 2020 година кон домашните е-трговци е остварен промет од 178 милиони евра, од кои 6 отсто или 11 милиони евра се направени со странски картички, додека во 2019 вредноста на реализираните трансакции кон домашните е-трговци изнесувала 75 милиони евра.
Што се однесува до вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон странски е-трговци, истата бележи пад од 54 отсто во 2020 година споредено со 2019 година или во апсолутен износ реализирани се 62 милиони евра во 2020, наспроти 135 милиони евра во 2019 година. Според Асоцијацијацијата ова е очекувано со оглед на пандемијата и рестрикциите за патувања, а падот на трансакциите направени кон странски е-трговци во најголема мера може да се каже дека се должи на авиобилети, хотелски сметувања и слично.
Податоците укажуваат дека во текот на 2020 година реализирани се вкупно 10 милиони онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 6,7 милиони во текот на 2019 година што претставува пораст од 50,1 отсто.
– Доколку се погледне вкупната вредност на трансакциите, во 2020 година, Македонците потрошиле 229,5 милиони евра онлајн кон домашни и странски онлајн трговци. Се менува структурата на реализираните трансакции и сѐ повеќе се купува од домашни е-трговци. Споредено со 2019 година кога вкупната вредност на реализирани онлајн трансакции од Македонците изнесуваше 169 милиони, растот во 2020 не е значително поголем споредено со растот од претходните години, односно изнесува 35,6 отсто. Меѓутоа, се забележува значајна промена во структурата на реализирани трансакции во 2020 година, односно ако во 2019 од вкупно потрошената вредност само 41 отсто отпаѓаше на домашните е-трговци, во 2020 година кога 73 отстоод вредноста на онлајн трансакциите е реализирана кон домашни е-трговци, сликата е сосема поинаква, наведуваат од Асоцијацијата за електронска трговија.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во 2020 година 40,1 отсто од поединците со интернет пристап направиле нарачи или купиле онлајн во последните 12 месеци, напроти 36 отсто во 2019 година. Во 2017 само 20 отсто купувале онлајн. Според Асоцијацијата треба да се има предвид дека податоците на Државниот за статистика според методолгијата се однесуваат за првото тромесечие од годината кога се спроведува анкетата што значи дека се собрани пред започнување на пандемијата.
Од Заводот наведуваат дека расте и домашната понуда во е-трговија, односно бројот на новоотворени онлајн продавници каде е забележан раст од 43 отсто во 2020 година. Во текот на 2020 година се отвориле 439 нови вируелни (интернет) продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места на крајот на 2020 изнесува 1459.
Македонските граѓани, сметаат од Асоцијацијата, во текот на 2020 година стекнуваат се повеќе доверба во онлајн купувањето кај домашните е-трговци, што може да се забележи од порастот на вредноста на трансакциите со домашни картички кон домашни е-трговци кој бележи раст од 143 отсто споредено со 2019 година.
– Иако податоците за растот кон домашните е-трговци се охрабрувачки, треба да се напоменат и слабостите во однос на известувањето за е-трговијата и недостатокот на достапни податоци – вкупните реализирани онлајн трансацкии не се однесуваат само на малопродажба, односно во истите се вклучени и плаќање на сметки и останати трошоци. За да можеме да видиме пореална слика за е-трговијата, треба да имаме податоци за вкупната малопродажба во земјата и подетални податоци за е-трговијата како би можеле да кажеме колкав дел од малопродажбата е онлајн, колку уделот се зголемил за време на пандемијата, односно кај нас сѐ уште отсуствува стандардизиран начин за мерење и известување кој е присутен во речиси сите земји, велат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.