Макканабис: Бараме да се донесат итно измените во Законот за контрола на опојни дроги

358 прегледи

Здружението на одгледувачи на медицински канабис „Макканабис“ апелира до Собранието, а особено до опозицијата, како што наведуваат во соопштение, да се надминат партиските надмудрувања и што поскоро да се изгласат измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.

„ Апелираме за брза реакција и изгласување на измените на Законот, за да ги спречиме непоправливите последици кои ќе настанат доколку не се дозволи извозот на цвет, а со тоа и овозможување на егзистенција на сите лиценцирани субјекти и нивните вработени. Пред нас има две алтернативи: или промена на законот, заземање на водечка позиција на пазарот со канабис и придонес за развојот на економијата на С Македонија или постепено одумирање на канабис индустријата“, се вели во соопштението.

Од Здружението потсетуваат дека вчера Комисијата за наркотични дроги при Обединетите нации ја прифатила препораката на Светската здравствена организација за отстранување на канабисот од Листата IV од Конвенцијата за наркотични дроги и нејзино ставање во Листа 1.

„ Ваквата промена ќе придонесе за олеснување на истражувањата на канабисот и зголемување на пазарот на медицински канабис, оценуваат од Здружението, посочувајќи дека се повеќе се зголемува бројот на држави кои ја легализираат употребата на канабисот, додека во земјава легализацијата е заробена во дневно политички пресметки“, се додава во соопштението.

Комисијата на ОН за наркотици го отстрани канабисот од списокот на најопасни дроги, на кој се наоѓаат и хероинот и синтетичките опијати.

Канабисот е опфатен со Единствената конвенција за опојни дроги во 1961 година. Тој беше вклучен во категорија што дозволува национални забрани за дроги со „особено опасни својства“.

Потегот на Комисијата на ОН за наркотици, чие седиште е во Виена, е преземен врз основа на препорака на Светската здравствена организација (СЗО).

Одлуката ја поддржаа 27 земји, 25 беа против, а една беше воздржана.

Сепак, Комисијата не го легализира канабисот. Тој сè уште е наведен меѓу дрогите кои предизвикуваат „голема зависност и злоупотреба“.

Тоа значи дека производството и трговијата со канабис сè уште е ограничено на употреба во научни и медицински цели според меѓународното право.

Слични содржини