Во Општина Бутел денеска почна имплементацијата и на третата мерка од Планот за чист воздух, која се однесува на замена на нееколошкиот систем за греење во ООУ „Св. Климент Охридски“. За таа цел денеска училиштето го посетија заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалниот на Општина Бутел Велимир Смилевски.
Како што соопшти владината прес-служба, системот за затоплување на училиштето кој во моментов се користи, покрај тоа што е нееколошки, е застарен и во многу лоша состојба, а датира од 1971 година.
– Новиот систем за греење ќе користи природен гас како гориво, задоволувајќи ги највисоките еколошки стандарди. Со новопоставениот систем ќе се опслужува училишната зграда, спортската сала и помошен објект за деца од предучилишна возраст, се вели во соопштението.
Спроведувањето на оваа мерка, како што се наведува, ќе овозможи и создаде удобен простор за престој и работа на учениците и наставниците, ќе овозможи намалување на загубите и трошоците за енергија, но пред и сѐ, ќе влијае врз заштита на животната средина.
Планот за чист воздух е план кој овозможува еколошка заштита и економска заштеда.