Поранешниот функционер и член на СДСМ, Јани Макрадули смета дека локалните избори уште од самиот почеток се третираат како парламентарни. Тој упати критики кон владеачката ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
-Премиерот Мицкоски, веројатно уште кога почнале да ги снимаат спотовите, сфатил дека нема објект кој може да го покаже, нема инвестиција пред која може да се слика, па се префрли на други теми. Покрај тоа, им забрани на неговите кандидати и другари да се појавуваат на дебати, веројатно да не го доизбрукаат. Почна со хибридни напади и “тајни странски центри”, ама после гротеската од тоа во јавноста, премина на за него најлесниот терен, плашење на гласачите со ДУИ. Кога, пак, разбра дека токму тоа им го крева рејтингот, ја пушти старата, веќе расипана плоча за СДСМ и Бугарија. Притоа, не гледајќи дека додека тој го зборува тоа на митинг, неговите министри и директори во џеб ги кријат бугарските пасоши, објави Макрадули.
Според него, „клиентелизмот пуштен на најјако, и ете, нова лага, пардон, “нова надеж” за членството, повик да се трча на избори, бидејќи, можеби, ќе има некои нови позиции“.
-Но, според “неутралните” анкетари на МТВ, и тоа не влече гласови. Па мора Премиерот да оди чекор понатаму, да најави предвремени избори. Истите оние што, според неговата изјава од минатата недела, „немаа шанси“ да се случат. И кога дојде на воденицата на ДУИ, го извади последниот адут, апсења…“, додава Макрадули.
Сепак, тој додава дека таквиот изборен амбиент има и друга цел.
-Ако може, да се забошоти меморандумот на коалициските партнери со Комората на извршители, со кој ќе се проверува дали некој пензионер купил повеќе од три чоколади за внуката. Да се избегне анализа на извештајот на Светска банка за Западен Балкан, каде јасно стои дека оваа влада има катастрофален финансиски капацитет, слабо прибирање даноци и недозволиво низок процент на реализирани капитални инвестиции (само 32% од планот до јули 2025.)
И во таков еден амбиент, зголемувањето на ДДВ нема да биде тема за прашување, туку за неверување. Па така, оваа кампања повторно нема да ги допре решенијата за реалните, секојдневни проблеми на граѓаните. Затоа, овој амбиент не смее да продолжи и по изборите. Ни треба доминација на активности од наученото од тешките муабети и конечно пресекување во корен на паролата: “Клиентелистите од сите страни – обединете се!, стои во јавната објава на поранешниот носител на бројни функции.