Макрон бара С. Македонија и Бугарија брзо да продолжат со дијалогот за спорот

од Nikola Popovski
195 прегледи

Елисејската палата објави соопштение по телефонскиот разговор на францускиот претседател Емануел Макрон, кој најпрвин разговараше со претседателот на Бугарија, Румен Радев и бугарскиот премиер Кирил Петков, а потоа и со македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, јави дописникот на МИА.

Целта на овие три разговори бил да се поттикнат овие две земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив, се додава во соопштението.

-Претседателот на Франција потсети на неговата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизација низ која поминува европскиот континент, стои во краткото соопштение.

Како што соопштија од македонската Влада, премиерот Ковачевски го посочил интензивниот политички дијалог во последните неколку години и ангажманот на претседателот Макрон и Франција во однос на процесот на проширување на ЕУ и интеграција на Северна Македонија.

Нема време за губење, се согласиле Ковачевски и Макрон, истакнувајќи дека „понатамошното одложување може да има сериозни регионални последици и да ја отвори вратата за зголемено влијание од трета страна во регионот, со што проширувањето на ЕУ со Западен Балкан ќе стане сериозно безбедносно прашање“.