Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Копенхаген изјави дека дроновите што го нарушуваат европскиот воздушен простор „можат да бидат уништени“.
Тој ги даде овие забелешки на Самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ), по серијата упади со дронови во воздушниот простор на европските земји во последните недели.
„Многу е важно да се испрати важна порака. Дроновите што навлегуваат во нашата територија претставуваат голем ризик. Тие можат да бидат уништени, точка“, рече Макрон.
Макрон ги повика Европејците да се организираат, во тесна соработка со НАТО, за да го зголемат притисокот врз флотата тајни бродови, таканаречената фантомска флота, која ѝ овозможува на Русија да ја извезува својата нафта и да ги заобиколува западните санкции.
„Исклучително е важно да се зголеми притисокот врз фантомската флота бидејќи тоа јасно го намалува капацитетот на Русија да ги финансира своите воени напори“, рече Макрон на отворањето на Самитот.
Тој го наведе примерот со запленувањето на сомнителен брод покрај францускиот брег и контролата што се спроведува врз него.
Додаде дека е потребно да се работи во рамките на „Коалицијата на волните“, земјите што воено ја поддржуваат Украина и во тесна соработка со НАТО за да се види како најдобро да се спроведе оваа заедничка акција.