Макрон: Европа треба да се подготви за војна ако сака мир

„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе биде сведен на нула“, посочи Макрон во интервју за француските ТВ канали Франција 1 и 2.

од Бети Божиноска

Русија на претседателот Владимир Путин e противник кој нема да застане во Украина ако ги победи трупите на Киев по двегодишниот конфликт, истакна вчера францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ги Европејците да не бидат „слаби“ и да се подготват да одговорат, пренесува „ројтерс“.

Макрон предизвика контроверзии минатиот месец откако рече дека не може да ја исклучи можноста за распоредување на копнени трупи во Украина во иднина, по што многу европски лидери се оградија од тоа, додека други, особено во Источна Европа, изразија поддршка.

„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе биде сведен на нула“, посочи Макрон во интервју за француските ТВ канали Франција 1 и 2.

Европа треба да се подготви за војна, ако сака мир, нагласи тој, додавајќи дека воопшто не се согчасува со опозициските лидери.

„Ако денеска одлучите да се воздржите или да гласате против поддршката за Украина, треба да знаете дека тоа не е бирање туку пораз. Не е исто“, рече тој.

Главната опозициска партија на Макрон, екстремната десница на Марин Ле Пен, беше воздржана во парламентот на гласањето за безбедносниот договор што Франција го потпиша со Украина, додека тврдокорната левичарска партија „Франција Непоклонети“ гласаше против.

„Ако војната се прошири во Европа, виновна ќе биде Русија. Но, ако решиме да бидеме слаби, ако денеска одлучиме да не реагираме, тоа же биде како однапред да го бираме поразит. А јас не го сакам тоа. Важно е Европа да не повлече црвени линии, што ќе сигнализира слабост за Кремљ и ќе го охрабри да продолжи со својата инвазија на Украина“, рече тој.

Макрон посочи дека Франција никогаш нема да иницира напад врз Русија и дека Париз не е во војна со Москва и покрај фактот што Русија почна агресивни напади против француските интереси во и надвор од Франција.

Тој додаде дека Украина е во тешка ситуација на терен и дека ѝ е потребна посилна поддршка од нејзините сојузници. Но одби да даде детали за тоа како би можело да изгледа распоредувањето европски трупи во Украина.

„Не сакам да го сторам тоа. Сакам Русија да ја запре оваа војна и да се повлече од своите позиции и да дозволи мир. Нема да му дадам видливост на некој кој не ми дава ништо. Ова е прашање за претседателот Путин. Имам причини да не бидам прецизен,“ рече тој.

Слични содржини